Израелските сили синоќа бомбардираа куќи во северниот дел на Појасот Газа, при што загинаа најмалку 15 лица во една зграда во градот Беит Лахија, соопштија во понеделникот палестинските лекари, а пренесе Ројтерс.
Неколку лица се повредени, додека други се водат како исчезнати откако била погодена куќа во која биле сместени раселените лица.
Палестинската служба за итни случаи наведува дека спасувачите не можеле веднаш да стигнат до нив, а трите речиси нефункционални болници во областа не можеле да се справат со бројот на повредени, додаваат тие.
Жителите известија дека во Џабалија, Беит Лахија и Беит Ханун, каде што израелската армија оперира веќе неколку недели, биле бомбардирани и некои запалени куќи.
Тие, исто така, рекоа дека израелски беспилотни летала фрлиле бомби пред училиште во кое се засолниле раселените семејства, што според нив изгледало како обид да ги заплашат да си заминат.
Палестинците тврдат дека израелската армија се обидува да ги протера луѓето од северниот дел на Газа преку принудна евакуација и бомбардирање со цел да создаде тампон зона. Израелската армија го негира ова.
Прекин на огнот меѓу Израел и Газа
Израел минатата недела се согласи на прекин на огнот со либанската вооружена група Хезболах, но судирите во Газа продолжуваат.
Официјални лица во Каиро одржаа разговори меѓу Хамас и ривалската група Фатах, предводена од палестинскиот претседател Махмуд Абас, за можното формирање комитет за управување со Газа по војната.
Египет предложи одбор составен од непартиски технички експерти надгледувани од властите на Абас да ја преземе управата на Газа веднаш по завршувањето на војната. Израел изјави дека Хамас не треба да има никаква улога во управувањето.
Официјален претставник близок до разговорите рече дека е постигнат напредок, но сè уште не е постигнат конечен договор.
Одобрувањето на Израел ќе биде клучно за да се утврди дали одборот може да ја исполни својата улога.
Египетските безбедносни претставници разговараа и со Хамас за начините да се постигне прекин на огнот со Израел.
Палестински функционер близок до процесот на посредување изјави за Ројтерс дека Хамас стои на својот услов дека каков било договор мора да стави крај на војната и да вклучи повлекување на израелските трупи, но ќе ја покаже потребната флексибилност за да го постигне тоа.
Израел објави дека војната ќе заврши само кога Хамас повеќе нема да владее со Газа и не претставува закана за Израелците. Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар во неделата изјави дека има некои знаци на напредок кон договорот за заложниците, но дека условите на Израел за завршување на војната не се променети.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, рече дека сега мисли дека шансите за прекин на огнот и договор за заложници се подобри.