Израелските воздухопловни сили рано утринава истрелаа ракети врз цели во областа на главниот град на Сирија, Дамаск, јавија сириските медиуми.
Како што се наведува, тоа е трет ваков напад во една недела.
Сириската армија објави дека околу 12:30 часот биле истрелани ракети на контролни пунктови во близина на Дамаск и дека воздушната одбрана „се спротивставила на ракетната агресија и ги соборила повеќето“, а нема информации за жртви.
Нападот уследи по слични ракетни напади во петокот и понеделникот. Во нападот во понеделникот, кој се случи во текот на денот, што е невообичаено, еден војник е ранет, соопшти сириската армија.
Нападот во петокот беше прв од 17 септември, кога пет војници беа убиени во ракетен напад врз меѓународниот аеродром во Дамаск и блиските воени пунктови јужно од сириската престолнина.
Израелската армија не излезе со соопштение за воздушните напади, пренесе Бета.
Израел изведе стотици напади врз цели во делови на Сирија под контрола на владата во Дамаск во текот на изминатите неколку години, но ретко ја презема одговорноста или коментира за таквите операции.
Земјата, сепак, потврди дека цели на базите на проиранските екстремистички организации како што е либанскиот Хезболах, кој испрати илјадници борци да го поддржат сирискиот претседател Башар ал Асад.
Израелските напади беа извршени за време на „војната во сенка“ меѓу Израел и Иран.
Целта на нападот на аеродромите во Дамаск и Алепо била да се прекине испораката на иранско оружје во Сирија.