Израелската војска денеска изврши најмалку пет воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, кои се под контрола на милитантната група Хезболах, откако израелскиот министер за одбрана Израел Кац ја отфрли можноста за каков било прекин на огнот во Либан додека не се исполнат целите на Израел.
Чад се надви над Бејрут додека експлозии го потресоа главниот град, објави Ројтерс.
Експлозиите уследија по предупредувањето на израелската војска објавено на социјалните мрежи во кое се идентификувани 12 локации во јужните предградија и се вели дека наскоро ќе бидат мета.
Жителите се предупредени дека се во близина на објекти на Хезболах.
Засега нема извештаи за жртви во овие напади.
Жителите главно избегаа од јужните предградија откако Израел почна да ја бомбардира областа во септември.
Во исто време, во Израел се огласија сирените за воздушен напад на северот на земјата, жителите беа предупредени да одат во засолништа, а армијата објави дека од Либан биле лансирани „повеќе сомнителни воздушни цели“.
Во нападите нема жртви.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави претходно денеска дека нема да има прекин на огнот или пауза во борбите против Хезболах во Либан додека Тел Авив не ги исполни своите воени цели.
Тој во објава на мрежата Х рече дека целите на Израел вклучуваат разоружување на борците на Хезболах и враќање на израелските жители на северот на земјата, во близина на границата со Либан.
На 1 октомври, Израел започна, како што соопштија израелските одбранбени сили, „ограничена и насочена“ копнена операција во јужен Либан против Хезболах.
Целта на Израел е да го истисне Хезболах од пограничните области за да можат безбедно да се вратат дома десетици илјади Израелци евакуирани од своите домови во северен Израел.
Израел изврши воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут