Изложба на скулптури „Акт“ на Ненад Тонкин во Куманово

Сподели со своите пријатели

На 20.10.2022 г. /четврток/ со почеток во 20 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложба на скулптури на авторот Ненад Тонкин. Се работи за најновата продукција од 8 скулптури работени со комбинирани материјали.

Loading...

Ненад Тонкин е воспитувач во градинка и академски скулптор. Неговата магистерска теза од областа на скулптурата го истражува и анализира уметничкиот предизвик при создавање скулптури инспирирани од цртежи на деца од градинка. Работел во детска градинка како воспитувач. Одржал и креирал неколку детски ликовни работилници. Дизајнира сценографија за театар. Изработува скулптури исклучиво со употреба на рециклирани материјали и најдени готови предмети. Насликал неколку мурали со поголеми димензии. Реализирал повеќе самостојни и групни ликовни изложби во земјата и странство. Автор е на музика за неколку театарски претстави. Компонира и издава своја авторска музика под псевдонимот Mammoth & Yashem. Бил член на музичката група Bei the Fish. Роден е и живее во Скопје. За својата најнова изложба Тонкин ќе запише:

ПРОЧИТАЈТЕ И:  20 дена ќе биде исклучена сигнализацијата на пругата Куманово - Романовце

“…АКТ е изложба на скулптури, со мал и голем формат, кои се дел од различни циклуси изработени и изложувани во различни периоди. Скулптурите одбрани да бидат дел од овој концептот ги спојува една главна карактеристика, тоа е фигурацијата, односно приказ на човечко тело. Другата важна заедничка особина за овие дела е што се изработени исклучиво со употреба на рециклирани материјали, отпад и ready-made / ready-found објекти.

Актот како ликовен мотив е многу честа појава во ликовното творештво. Претставено преку различни видови уметнички стилови, од класичен до апстрактен, човечкото тело е вечна инспирација за истражување и создавање. Во рамки на овој концепт уметникот се обидува да го претстави човечкото тело преку една друга, нетипична перспектива на набљудување на формата и суштината на телото. Така, има скулптури чие создавање е инспирирано од детски цртежи каде не се истакнува анатомијата и пропорциите на човечкото тело туку првенствено е запазен детскиот слободен и креативен израз. Има и такви скулптури кои се создадени врз основа на одредени чувства на уметникот или пак скулптури кои се вид на илустрација на негови претрпени стравови, од детството но и актуелни. Сепак, сите тие имаат или барем се трудат да имаат некаков облик со одредени карактерни црти и лик својствени за човечкото тело.“

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Нападнат вработен во кумановската болница

Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 03.11.2022 г.

Пишува: Роберт Цветковски