Изложба на графики „Живи форми“ од Мирослава Цветковиќ во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во петок со почеток од 19:30 часот ќе биде отворена изложба на графики со наслов „Живи форми“ од авторката Мирослава Цветковиќ.

Изложбата содржи дваесетина графики работени во повеќе графички техники , во периодот  од неколку последни години.

Мирослава Цветковиќ е родена  1973. год. во Куманово, Р. Македонија,  Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1998. год., во класата на проф. Зоран Јакимовски, на оддел графика, со насока графички дизајн. Во 1999. год. се стекнува со доквалификација за ликовен педагог, на истиот факултет.  Член е на ДЛУМ од 1998. год.

Реализирала резиденцијален престој во Cité Internationale des Arts во Париз, во студиото на Република Македонија, во 2002. год.

Во периодот од 1997-2003. год. работи на повеќе проекти и театарски претстави како графички дизајнер на плакати и др. рекламни материјали за Народен Театар Куманово, Р. Македонија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  КУД „Панче Пешев“ ги повикува поранешните членови заедно да одбележат 100 години постоење

Изложувала самостојно во Македонија, како и на повеќе групни претставувања на локалната уметничка сцена, како на ДЛУМ, ДЛУК и др., но и на многубројни меѓународни групни изложби во Македонија, Србија, Хрватска, Полска, Романија, Чешка, Канада, Бугарија, Италија, Грција, Литванија. Учесник е и на повеќе ликовни колонии во Македонија и во странство. За својата работа има добиено награди и признанија.

Живее и работи во Куманово, Р.С. Македонија како слободен уметник.

Награди

2000 – Прва награда на ДЛУМ за графика мал формат – Драгутин Аврамовски Гуте, Скопје, Македонија

2016 – Прва награда на ДЛУМ за графика мал формат, Скопје, Македонија

2023 – Certificate of Honour на 1. Меѓународно биенале на минијатурни  графики и цртежи Битола – 1. ИБМБ – Битола, 2023.,  Битола, Р.С. Македонија

2024 – Certificate for artistic-graphic outstanding achievements на 11. Меѓународно графичко триенале-Битола,  2024, Битола, Р.С. Македонија

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Куманово ќе има новогодишен базар: Oтворeн повик за излагачите

За нејзиното творештво Билјана Станковска ќе запише:

…“ Да се отслика неприкосновената содржателност на микросветот во универзумот, да се декодира сјајот на светлината, непречено да се преминат спиралните скалила што водат кон планетарното поимање на светот, потребна е висока ликовна спознајност и амбиција, силно љубопитство, идејна посветеност и неисцрпна креативна енергија.

Од разноликоста на темите и од бројноста на ликовните техники и композиции, уметничкиот опус на Мирослава Цветковиќ е неодминливо препознатлив во високите сфери на уметноста, а восхитот и естетските импресии од нејзиното моќно и совесно владее на ликовната сцена се исклучително доживување. Со сопствен ликовен јазик, таа нè води низ лавиринтите на семожното постоење на поинакви светови; со линијата како исклучителна насока и крстосница, како бран и струење, како самоцел на беспрекорна белина или самата линија – девствено бела и копнежливо нежна небаре трепери во таинствено црниот простор. Невоздржана е возбудата на гледачот пред споделената пристапност до возвишеното во едноставните нешта што од идеја преоѓаат во слика со тематска конкретност. Уверливо извонредни се можностите на линијата што дарежливо и со маестралната прецизност, Мирослава Цветковиќ ни ги открива филиграните од животворните нишки на постоењето. Речиси е невозможно да не го забележиме струењето на животот во фундаментот на листот естетски усогласен со женскиот акт. Ете ја неделливата и двојбена комуникација на живата материја – визија и субјективна слобода на графичарката.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  КУД „Панче Пешев“ ги повикува поранешните членови заедно да одбележат 100 години постоење

Обземена од совршеноста на сеопфатното, таа инспиративно ја разложува еднородната тематика, повторливоста ја потсилува со експлозијата на боите и варијацијата е со восхитувачка автентичност. Моќта на варијацијата ја поттикнува мирната белина во автентично златеење. И наеднаш – неочекувано за окото на гледачот – самоуверен, длабок изблик на бои од разградената светлина. Миговно провидение на светото и световното!

Со восхит сме пред фасцинантниот раскош на ефективната визуелност…“

Изложбата ќе биде поставена до 25.12.2024.

Интегрално соопштение