Калуѓерка, волонтерка во затвор, е осомничена дека им пренесувала пораки на осудените членови на озлогласениот мафијашки клан „Ндрангета“.
Една калуѓерка е меѓу 24-те уапсени во северна Италија во врска со истрагата против мафијата, соопшти италијанската полиција.
Калуѓерката, која во италијанскиот печат се нарекува сестра Ана Донели, беше уапсена поради наводно делување како посредник меѓу мафијата „Ндрангета“ и нејзините затворени членови на банда.
Полицијата, исто така, уапси двајца политичари и заплени имот во вредност од повеќе од 1,8 милиони евра во рации во неколку градови во регионите Ломбардија и Венето, како и во Калабрија на југ.
Апсењата се резултат на четиригодишна истрага за „Ндрангета, една од највлијателните и најопасни криминални организации во Европа.
Во соопштението на безбедносните агенции детално се тврди дека калуѓерката имала „слободен пристап до затворските објекти“ и дека првично не била осомничена за врски со мафијата.
Во полициските изјави не се идентификувани политичари или други цели на истрагата.
Акцијата продолжува, а стотици полицајци вршат претреси низ северна Италија.
Ним им помагаат единици на кучиња трагачи кои бараат оружје, дрога и пари, соопшти полицијата.
Инспекторите тврдат дека групата првенствено користела трговија со старо железо како параван за перење пари, во вкупен износ од околу 12 милиони евра испрани пари, соопштија обвинителите.
Со потекло од сиромашниот регион Калабрија, Ндрангета се смета за една од најопасните криминални организации во светот.
Во ноември минатата година, повеќе од 200 луѓе беа осудени на вкупно повеќе од 2.200 години затвор во едно од најголемите судења за мафија во Италија во последните децении.