Италија прогласи вонредна состојба поради приливот на бегалци

Сподели со своите пријатели

Италијанската влада прогласи шестмесечна вонредна состојба со цел да се справи со зголемувањето на мигрантите кои пристигнуваат на јужните брегови на земјата.

Loading...

Државната телевизија објави дека се очекува да биде назначен специјален комесар за тие прашања.

Владата на премиерката Џорџа Мелони одобри и финансирање од пет милиони евра.

По средбата, владата соопшти дека смета дека е неопходна вонредната состојба со цел итно да се спроведат вонредни мерки за намалување на приливот на бегалци кои пристигнуваат на италијанскиот остров Лампедуза.

Потребни се и „нови структури, погодни и за засолништа и за обработка и репатријација на мигрантите кои немаат услови за престој“ во Италија, се вели во соопштението на владата.

За време на пандемијата на коронавирус, италијанските власти воведоа вонредна состојба, дозволувајќи ѝ на владата да донесе мерки со декрет и со тоа привремено да ги заобиколи вообичаено долгите парламентарни процедури.

„Да бидам јасен, ова не го решава проблемот, чие решение е поврзано со внимателна и одговорна интервенција на Европската унија“, изјави министерот за цивилна заштита и поморска политика Нело Мусумези, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.

Сегашната италијанска влада, како и претходните влади во таа земја, главно неуспешно се обидуваа да добијат поддршка и поголема солидарност за прием на бегалци од другите земји на Европската унија.

Loading...

Од почетокот на годинава во Италија дошле 31.000 мигранти. Тие биле спасени во Средоземното Море од страна на локалните власти или хуманитарни бродови, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Се додава дека тоа е речиси четири пати повеќе во споредба со претходните две години во истиот период, кога во 2021 и 2022 година пристигнале околу 8.000 мигранти.

Досега мигрантите најмногу се доселуваат од брегот на западниот дел на Либија, а во последно време се селат и од Тунис.