Италија одобри пет милиони евра за помош на УНРВА, Мелони најави посетата на Либан

Сподели со своите пријатели

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека Италија одобрила пет милиони евра помош за Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) и најави посета на Либан.

Loading...

Мелони ја изрази својата загриженост пред Сенатот на италијанскиот парламент за тековната ескалација на израелските напади во Либан, и покрај, како што наведе, напорите на Италија и нејзините сојузници, и ги осуди нападите на Израел врз членовите на мировните сили на ОН во Либан (УНИФИЛ ).

„Бараме безбедноста на нашите војници на УНИФИЛ кои заедно со војниците од други земји со години придонесуваат за стабилноста на границата меѓу Израел и Либан“, рече Мелони, пренесе АНСА.

Според неа, мора да се работи на целосна имплементација на резолуцијата 1701 на ОН и зајакнување на целосниот капацитет на УНИФИЛ и на либанските вооружени сили.

Мелони рече дека либанската милитантна група Хезболах, исто така, ја прекршила резолуцијата на ОН и се обидела, како што рече, „да ја милитаризира областа под јурисдикција на УНИФИЛ“.

Таа прецизира дека Италија одобрила помош за финансирање на работата на УНРВА на окупираниот Западен Брег и за поддршка на палестинските бегалци во Сирија, Либан и Јордан.

Таа посочи дека Италија ќе продолжи да ја поддржува работата на УНРВА, но само по строги контроли средствата да не се користат за каква било форма на терористички активности.

Мелони нагласи дека не треба да се заборави нападот на палестинската милитантна група Хамас на југот на Израел на 7 октомври минатата година, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, додека околу 250 беа земени како заложници, истовремено осудувајќи го подемот на антисемитизмот.

Loading...

Таа се обрати пред Сенатот пред состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, кој ќе се одржи од 17 до 18 октомври, пренесува Танјуг.