Италија негираше дека Болсонаро побарал државјанство

Сподели со своите пријатели

Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро не поднел барање за италијанско државјанство и веројатно немаше да добие такво државјанство дури и да аплицираше, соопшти Италија во вторникот, откако стотици негови приврзаници беа уапсени поради напади врз бразилските државни институции.

Loading...

Новиот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва, левичар кој ја презеде функцијата на 1 јануари откако го победи екстремно десничарскиот ривал Болсонаро на изборите во октомври, вети дека ќе ги изведе пред лицето на правдата одговорните за насилството во Бразилија за време на викендот.

Болсонаро отпатува со авион во САД на крајот на минатата година, 48 часа пред крајот на мандатот.

Тој е под истрага во најмалку четири кривични истраги дома, а бразилските медиуми јавуваат дека поднел барање за италијанско државјанство.

Сепак, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани го демантираше ова.

– Тој тоа не го побара и не верувам дека може да го добие, што се однесува до мене – изјави Тајани за италијанското радио.

Според италијанскиот закон, луѓето можат да бараат државјанство доколку докажат дека имале италијански предци, без никакви генерациски ограничувања. Сепак, криминалната евиденција се зема предвид при аплицирањето.

Прадедото на Болсонаро е роден во Ангвилара во североисточна Италија, што на поранешниот бразилски претседател и неговите деца им дава право на државјанство.

Loading...

Италијанското Министерство за надворешни работи потврди дека два од четирите сина на Болсонаро, Едоардо и Флавио, поднеле барање за државјанство во 2020 година.

Нивното барање сѐ уште се обработува.

Италијанските конзулати во земјите каде што се поднесуваат барањата се занимаваат со барањето и се очекува постапката да ја завршат во рок од 24 месеци, пренесува Ројтерс.