Иран ги егзекутираше Абхолфазл Сепахи Баџани и Амирхосеин Сафари Хосеинабади, осудени за учество во убиството на четворица полицајци за време на немирите на плоштадот Шахид Алихани во Исфахан во јануари минатата година, објави агенцијата Тасним денес, 28 јули.
Според иранските власти, за време на немирите, група вооружени демонстранти ја нападнале полицијата, запалиле јавен имот и блокирале патишта.
Четири припадници на полициските сили биле убиени во инцидентот, пренесува Танјуг.
Судските документи, цитирани од иранските медиуми, наведуваат дека Сепахи и Сафари биле меѓу главните учесници во нападот.
Тие се обвинети за директно учество во нападот врз полицајците, како и за поттикнување насилство, уништување јавен имот и предизвикување нереди.
Според пресудата, Сепахи учествувал во нападот врз полицајците и ги поттикнал другите демонстранти, додека Сафари признал дека бил на местото на настанот со група демонстранти и учествувал во судири со полицијата.
Иранските власти соопштија дека претходно биле погубени уште две лица осудени за учество во истиот случај, Ерфан Есфандијари и Гол Мохамад Мохамади.
Случајот привлече големо внимание во Иран, а властите го опишаа како еден од најлошите напади врз безбедносните сили за време на протестите.

