Иранците денеска ја одбележуваат 46-годишнината од победата на Исламската Република со излегување на улиците во Техеран и низ целата земја.
Државната телевизија од утрово во живо емитува видеа и фотографии од луѓе на улиците на градовите и селата, придружени со патриотски песни.
Во Техеран, жителите почнаа да се движат рано наутро кон главната зона за собирање околу кулата Азади (слобода на персиски), која се наоѓа на запад од иранската престолнина.
Претседателот Масуд Пезешкијан треба да одржи говор на митинг во Техеран, објавија државните медиуми.
Извикувајќи антиамерикански и антиизраелски слогани, луѓето исто така излегоа на улиците во Шираз и Бандар Абас (на југ), Рашт (на север), Машхад (на исток) и Керманшах и Санадеј (на запад).
Граѓаните со нивните семејства носат ирански знамиња и знамиња на проирански групи, како што е проиранското либанско движење Хезболах, како и портрети на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Прославите по повод соборувањето на монархијата Пахлави започнуваат секоја година на 31 јануари, годишнината од враќањето на ајатолахот Рухолах Хомеини во Техеран во 1979 година од егзил во Париз.
Во изминатите денови, многу официјални лица во Исламската Република ја повикаа нацијата да учествува во голем број на прославата, која следи по враќањето на власт на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се залага за политика на таканаречен „максимален притисок“ против Техеран.