Ниту во текот на изминатите 24 часа не биле издадени потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Откако европските земји ги спуштија рампите на своите граници за сите бегалци Македонија веќе недела дена не ги пропушта бегалците на својата територија, освен оние кои веќе половина месец се заглавени во ПЦ Табановце.
Завчера група од над 1.500 мигранти се обиде илегално да влезе на македонска територија, но од страна на полициските службеници и војниците беа вратени назад на грачка страна. Тој настан беше повод вчеравечер да заседава Советот за безбедност на Република Македонија свикан од страна на Претседателот Ѓорге Иванов.
Тој рече дека ваквите сценарија со затворањето на границите биле очекувани, но дека не треба да се дозволи останатите земји од балканската рута да бидат слепи набљудувачи на она што и се случува на Македонија.
Република Македонија и во иднина ќе постапува во согласност со одлуките на Европскиот совет, ќе ги следи постапките на другите земји долж балканскиот коридор и нема да дозволиме илегален влез на мигранти во Република Македонија. Република Македонија, како што и досега покажа кога на нејзината територија поминаа еден милион бегалци, ќе продолжи да дава хуман третман, согласно сите европски и меѓународни стандарди, доследно почитувајќи ги човековите права- кажа Иванов.
За мигрантската криза Иванов телефонски ќе разговара со лидерите долж балканската рута.