Во пожар што избувна во фабрика во централна Кина загинаа 36 лица, а две лица се водат како исчезнати, јави официјалната новинска агенција Ксинхуа, повикувајќи се на локалните власти.
Пожарот избувна „во понеделникот попладне во фабрика во градот Ањанг, во централната провинција Хенан“, додаде официјалната кинеска новинска агенција, без да даде дополнителни детали.
Индустриските несреќи се вообичаени во Кина, а најчесто се резултат на непочитување на безбедносните прописи.
Во март 2019 година, во експлозија во хемиска фабрика во Јанченг, 260 километри северно од Шангај, загинаа 78 луѓе и беа уништени куќи на неколку километри.
Една од најголемите индустриски несреќи се случи во Тијанџин, на север, во 2015 година. Тогаш во огромна експлозија во складиште за хемикалии загинаа најмалку 165 луѓе во големиот пристанишен град на 120 километри југоисточно од Пекинг.