Федералното истражно биро на САД (ФБИ) објави дека почнало да користи полиграфски тестови за да помогне во истрагите насочени кон откривање на изворот на протекување на информации од самата агенција за спроведување на законот.
„Можеме да потврдиме дека ФБИ започна со спроведување на полиграфски тестови за да го идентификува изворот на протекување на информации во рамките на бирото“, се вели во соопштението на канцеларијата за односи со јавноста на ФБИ доставено до Ројтерс.
„Вашингтон пост“ беше првиот што ја објави веста дека ФБИ го користи полиграфот, попознат како „детектор за лаги“.
Администрацијата на републиканскиот претседател Доналд Трамп ги засили мерките против информаторите откако Трамп се врати на функцијата во јануари.
Минатата недела, Министерството за правда на САД им го олесни на обвинителите кои истражуваат протекување на информации до медиумите издавањето судски покани за пристап до евиденцијата и сведочењата на новинарите.
Министерот за одбрана Пит Хегсет предупреди за можни кривични обвиненија против поранешни високи советници кои беа отпуштени за време на истрагата на Пентагон за протекување информации во медиумите, велејќи дека доказите ќе бидат предадени на Министерството за правда откако ќе заврши истрагата.
Наредбата на Хегсет со која се бара истрагата ја остави отворена можноста за користење на полиграф.
Директорката на Националното разузнавање, Тулси Габарад, во март вети дека „агресивно ќе ги гони неодамнешните информатори“ за да ги повика на одговорност за неовластено откривање информации.
Минатата недела, Габарадова изјави дека проследила два случаи на протекување на информации од разузнавачката заедница до Министерството за правда, додавајќи дека се подготвува трета кривична пријава.
Таа, исто така, рече дека е подготвена да соработува со Министерството за правда и ФБИ „за да истражува, отпушта и гони“ информатори, кои ги нарече „криминалци“.