Циклонот Борис донесе промена на времето на европско тло, а метеоролозите предупредуваат дека може да предизвика големи поплави во источна и централна Европа во наредните денови.
Нивото на водата на Дунав би можело да достигне десетгодишен рекорд.
Циклонот кој се движи над централниот и источниот дел на Европа носи значителна промена на времето.
Од една страна доаѓа топол воздух, а од друга постуден воздух од север и северозапад од Европа.
Воздушните маси се мешаат што ќе резултира со обилни врнежи, предупредуваат метеоролозите.
Според најавите на чешките и полските метеоролози, во некои области од нивните земји може да наврнат и до 400 литри дожд на метар квадратен во следните три дена, а во Австрија и Словачка околу 200 литри.
Културните манифестации закажани за викендов беа откажани во тие четири земји поради најавеното поминување на циклонот.
Се испразнија задржувањата за прием на вода, пред се во околината на браните, за да можат да добијат толку многу вода.
Во Полска се објавени метеоролошки сигнали за југот на земјата, пред се градовите на Одра како Вроцлав и Ополе.
„Постои реален ризик од локални поплави во петок и недела“, предупредија полските метеоролози.
Во Вроцлав, кој има 675.000 жители, општината формираше кризен центар.
Според чешкиот министер за животна средина Петар Хладик, „ситуацијата во земјата би можела да биде слична на онаа од 1997 и 2002 година“.
Порастот на водостојот на Дунав
Поплавите од 1997 година ја погодија Моравија, на истокот на Чешка. Загинаа 50 луѓе, а имаше неколку милијарди американски долари штета.
Токму во тој регион и овој пат се очекуваат најлоши врнежи.
Во 2002 година, поплавите го погодија западниот дел на земјата и однесоа 17 животи и предизвикаа уште поголема штета отколку во 1997 година.
Градовите во Моравија подигнаа бариери за поплави и подготвија вреќи со песок во пресрет на невремето, кое ќе биде придружено со ветрови до 100 километри на час.
Откажани се десетици културни настани во регионот, вклучувајќи го и годишниот фестивал на виното во Знојмо, кој привлекува десетици илјади посетители.
Австрија би можела да распореди војска
Откажан е и римскиот фестивал во Карнунтум во Австрија.
Како што пренесува австрискиот телевизиски канал ORF, нивото на водата на Дунав би можело да се искачи на нивоа што не биле забележани пет до десет години.
Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека армијата е подготвена да распореди и до илјада војници доколку е потребно.
Во состојба на готовност се и словачката армија и доброволните пожарникари.
Врнежите би можеле да бидат поголеми од оние што ја погодија централна Европа во 2013 година, кои тогаш се сметаа за најлоши во последните илјада години, предупредува словачката метеоролошка служба imeteo.sk.
Со движењето на студениот бран над Европа кон исток, на Кредарица во Словенија падна првиот снег.
Невремето во петокот предизвика најмногу проблеми на словенечкото крајбрежје.
Во словенечка Истра за само неколку часа наврна повеќе дожд отколку што обично паѓа во текот на целото лето.