Ерупција на вулканот Фуего во Гватемала: Евакуирани над 1.000 граѓани (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Повеќе од 1.000 жители се евакуирани вчера во Гватемала по ерупцијата на вулканот Фуего, кој се наоѓа во близина на главниот град и е најактивниот вулкан во цела Централна Америка, соопштија властите.

Loading...

Ерупцијата почна вчераутро и донесе големи облаци помешани со гас, водена пареа и отпад од многу висока температура, кои ја зафатија планината и предизвикаа страв за безбедноста на околното население.

Евакуирани се вкупно 1.054 луѓе кои живеат во пет соседни села, изјави на прес-конференција Оскар Косио, директор на Агенцијата за координација за управување со катастрофи (Конред).

Околу 130.000 луѓе живеат во областа загрозена од вулканот Фуего, планина висока 3.763 метри која се наоѓа на само 35 километри од главниот град на Гватемала.

 

 

Генералниот директор на Институтот за вулканологија на Гватемала, Едвин Рохас синоќа извести дека активноста на вулканот се смирува.

Loading...

Претходно агенцијата Конрад соопшти дека колоната од чад и пепел што излегува од вулканот достигнала 6.000 метри надморска височина.

За време на последната ерупција на вулканот Фуего во декември 2022 година, меѓународниот аеродром во Гватемала Сити мораше да биде затворен, како и многу фреквентниот пат помеѓу туристичкиот град Антигва Гватемала и јужниот дел на земјата.

Полицијата вчера попладне забрани користење на тој пат.

Во јуни 2018 година, облак од пепел од вулканот го прекри селото Сан Мигел Лос Лотес, кога загинаа 215 луѓе, а исто толку се водат за исчезнати.

Два други вулкани се активни во Гватемала, Сантијагито на запад од земјата и Пекаја на југ.