Откако електорите од Калифорнија синоќа ги дадоа нивните 55 гласа за поранешниот потпретседател, Џо Бајден, тогаш тој и официјално беше прогласен за победник на изборите.
Конгресот ќе го потврди гласањето на колеџот на електори на 6 јануари, а две недели подоцна, на инаугурацијата, Бајден ќе даде заклетва како 46-ти претседател на САД.
Вчерашното гласање на електорите и официјано ја потврди победата на демократот Бајден, нешто што се знаеше и многу порано. Во државите како Мичиген, Пенсилванија, Џорџија, Висконсин и Аризона, каде актуелниот претседател Доналд Трамп ја оспоруваше победата на својот соперник, но неуспешно, електорите ги дадоа своите гласови за Бајден.
Ако изминатите неколку изборни циклуси завршуваа со гласање на колеџот електори како само формална процедура, годинава тоа доби примеси на драма. Поради гласните повици на Трамп дека изборите били масивно фалсификувани, а викендов, имаше и напнати сцени со протести на поддржувачите на актуелниот претседател во повеќе градови низ САД (главно во државите каде тој ги оспоруваше резултатите). Вклучително и во престолнината Вашингтон, каде полицијата се судри со некои протестанти, а имаше и повредени.
Веднаш по завршувањето на гласањето, откако и последната држава, Хаваи, ги даде своите четири гласа на Бајден, кој вкупно доби 306 (без ниту еден електор да премине на страната на Трамп), новизбраниот претседател се обрати до јавноста.
Во своето обраќање од Вилмингтон синоќа, Бајден остро ги искритикува претседателот и неговите поддржувачи за нивниот напад врз гласачкиот систем на земјата.
Напорите на републиканците да го донесат случајот до Врховниот суд и да побараат од судот да ги поништи резултатите на овие претседателски избори, според него „е толку екстремна и досега невидена позиција’.
Порача дека дојде време „да се сврти страницата“ и ги пофали официјалните лица кои вредно работеа изборите да се оддржат и да се запазат сите процедури.
-Тие беа чесни, беа слободни и фер. Тие го видоа тоа со своите очи. И нема да бидат застрашени и натерани да кажат нешто друго, рече тој.
-Ако некој тоа го знаеше и претходно, ние го знаеме и сега. Тоа што длабоко во срцата на американскиот народ е демократија. Правото да се биде слушнат, гласот да биде вклучен. Да се изберат лидери на оваа нација, да се управува самостојно, изјави Бајден во своето обраќање.
Борис Камчев, САД