Димитриевски: Во септември планираме да го организираме за првпат здружението и во Скопје

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во Дневникот на телевизија Сител истакна дека се реализирани голем број на проекти, а Куманово е првиот град во Македонија што има бесплатен превоз.

Loading...

„Спроведовме многу социјални пакети, паралелно имплементираме голем број на инфраструктурни проекти. Тоа што го применивме во Куманово сакаме да го примениме и на ниво на држава, бидејќи се покажа практично и ефикасно. Имаме тим, располагаме со доволно човечки капацитет да излеземе пред јавноста, да понудиме одредени решенија како од Македонија да направиме држава, бидејќи во овој момент ние всушност сме држава којашто ја контролираат поединци по принцип на должничко-доверителски односи. Имате власт којашто е целосно контролирана од една политичка партија, тоа е ДУИ веќе 20 години владее со државата. Во овој момент мислам дека дури господинот Ахмети е и премиер, Ковачевски е само една фигура којашто ги извршува наредбите од центарот на ДУИ, тоа мора да се спречи и да се стави крај на ваквите погубни политики и државата да тргне напред. Дали имаме капацитет? Да, секако. Сметам дека Македонија поседува капацитет, поседува доволен број на луѓе коишто можат да излезат, луѓе кои покажале и докажале дека знаат. Тоа се луѓе коишто всушност доаѓаат и од бизнис заедницата, науката, студентските редови, работничката класа, од сите општествени делувања, а ќе ги оставам имињата сами да ги соопштуваат, бидејќи не е коректно во нивно име да зборувам. Утре ќе формираме ново здружение во Гостивар и јас за првпат некои од нив ќе сретнам, но како и да е тоа се шири од град во град, од село во село“, рече Димитриевски.

Тој посочи дека целта е да се вратиме на асномските и крушевските корени на државата, бидејќи во Македонија се изгуби идеологијата, премногу се сè материјализира.

„Формиравме свои движења, Куманово, Прилеп, Крушево, отидовме и во источна Македонија во Кочани, дополнително работиме на нови места и утре продолжуваме во Гостивар, претходно завршивме и во Тетово. Некаде 20тина здруженија, во септември планираме да го организираме за првпат здружението и во Скопје. Дали ќе прерасне во политичко движење искрено не знам, јас посакувам тоа да биде формирано од граѓаните и да работи директно за граѓаните, но самите членови на овие здруженија во нивната заедничка иницијатива треба да ги дадат предлозите, и за името на тоа движење, и како ќе функционира и работи. Дополнително, голем број на поединци, експерти работат на програмите и верувам дека ќе излеземе подготвени на изборите. Не само да понудиме нешто, бидејќи граѓаните тоа го имаат слушнато, ние нудиме решенија и ги реализираме. Каде е доказот? Доказот е Куманово. Куманово беше една од најзадолжените општини во Македонија, денеска е една од финансиски најстабилните општини којашто реализира сериозни инфраструктурни проекти. Дали е тоа доволно? Секако не. Секогаш има потреба повеќе, но доколку се направи реална децентрализација фискална во државата можеме да дојдеме до ниво да реализираме сериозни капитални проекти“, додаде Димитриевски.

Димитриевски информираше дека името на здружението е во втор план, затоа што во прв план е самата идеологија и предлозите да бидат реални, а луѓето коишто ќе се изберат да бидат посветени на работата којашто сакаат да ја вршат.