Православните верници денеска го празнуваат големиот ден на осветувањето на водата во светата река Јордан, на еден ден пред празникот Богојавление – Водици, кога Исус Христос бил крстен од страна на Свети Јован Крстител во светата река Јордан и еден ден пред појавувањето на Светото Тројство пред луѓето.
Празникот е познат под имињата Водокрштение и Водокрст или Водопост, како ден на строг пост, во кој се пости само на вода.
Празникот Водици се празнува два дена.
Првиот, 19 јануари, е познат под имињата Богојавление и Водици, но во некои краишта се спомнува и како Војордание или Машки Водици.
Вториот ден, 20 јануари, е празникот Собор на Свети Јован Крстител, познат и како Женски Водици, кога главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. На тој ден, именден слават сите чие име е изведено од името Јован.
Се верува дека во глуво доба од ноќта, пред Богојавление, на момент се отвора небото, за да се вкрстат ветровите кои дуваат зиме со оние кои дуваат лете и дека целата вода станува света. Кој тогаш ќе се затекне на отворено и го види тоа, може од Бога да посака исполнување на една желба.