Фондацијата „Македонија“ најави формирање на бугарски културен центар и во Куманово, пренесува Фокус.
– Ние сме едно. Иднината ни е заедничка. Куманово наскоро ќе има бугарски културен центар, Ненад Петровски – објави фондацијата на чие чело е извесен Виктор Стојанов, кој периодов е актуелен со разни провокации на социјалните мрежи.
Бугарските културни центри кои носат имиња на контроверзни личност од минатото се места каде постојано се случуваат инциденти во земјата, но и ги влошува односите меѓу двата народи.
Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски вели дека не е запознаен со ваква идеја, но вели дека ако станува збор за здружение кое доаѓа со лоши немери, тогаш не е добредојдено.
– Куманово е мултикултурен град. Сите здруженија кои работат во интерес на граѓаните и на градот и на државата се добредојдени. Доколку се работи за евентуални здруженија кои имаат за цел да генерираат нетрпение кај граѓаните, нетолеранција и првенствено да се занимаваат со негации на македонската нација, јазик, историја и етнос, ние како град сме затворени за таквите и нема да ги толерираме, вели градоначалникот Максим Димитриевски во изјава за Сител.
Извесниот Виктор Стојанов кој се претставува како претседател на Фондацијата „Македонија“ која стои зад овие културни центри организира доаѓање на групи бугарски граѓани во Македонија на 4ти февруари со цел да го посетата гробот на Гоце Делчев.
Според македонскиот претседател Стево Пендаровски тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик, но државата ќе ги преземе сите безбедносни мерки.
Според градоначалникот Димитриевски, како што пренесува ТВ Сител, вчерашната реакција на Пендаровски е задоцнета, а државата требала порано да реагира на бугарските провокации.
– Нема да дозволиме некој да ни дојде во државата и да нѐ негира како нација, како држава, да нѐ припојува на други држави и други нации кадешто не припаѓаме, а секако дека сакаме да развиваме добрососедски односи со сите, вели Димитриевски.
Според Пендаровски, актуелните бугарски притисоци се „организирана антидржавна кампања“.
Никола Ивановски