Настава со часови кои траат по 30 минути, но без предавање на лекциите од страна на професорите. Ова е слика од денешниот прв ден во кумановските училишта на почетокот на новата работна недела.
Според информациите од СОУ ”Перо Наков” и СОУ Гимназија ”Гоце Делчев”, часовите траат по 30 минути, но без предавања, додека во техничкото училиште ”Наце Буѓони”, наставата се одржува редовно. Засега, нема информации за тоа како се одвива наставата и дали бојкотираат и учениците од средното земјоделско училиште, како и паралелките од средните училишта на албански наставен јазик.
Кумановските средношколци од СОУ ”Перо Наков”, најавија дека и денес продолжува собирањето потписи за поддршка на Средношколскиот Пленум, со најава дека во училиштата се пуштени списоци на ученици кои од Куманово ќе се придружат на Третиот Средношколски Марш закажан за 23 април во Скопје, со почеток во 12 часот пред фонтаната во градски парк со маршрута до Владата на РМ.