Триесетина дела од најновото творештво на ликовниот уметник Боро Арсовски ќе бидат претставени пред кумановската публика на изложбата „Боите“, која ќе биде отворена во четврток, со почеток во 19:30 часот, во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“.
Изложбата опфаќа околу 30 слики создадени во последните неколку години, во кои авторот истражува поинаков пристап кон платното, со акцент на спонтаноста, интензивниот колорит и слободното изразување преку бојата.
Арсовски во својот авторски осврт посочува дека најновите дела претставуваат пресвртница во неговиот творечки пристап.
Сликите се карактеризираат со директно нанесени, сурови и недозирани бои, оставени да се рефлектираат и мешаат во окото на набљудувачот, без однапред зададени хармонски односи или строго определен концепт.
Според авторот, станува збор за целосно препуштање на спонтаниот креативен импулс, во процес во кој се активираат сите сетила, а бојата ја надминува својата материјална форма и се претвора во лична емоција и доживување за секој што се наоѓа пред делото.
Боро Арсовски е роден во 1964 година во Скопје. Завршил Средно уметничко училиште, а дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1990 година. Истата година станал член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).
Во текот на својата професионална кариера работел како ликовен педагог, сценограф, дизајнер и фоторепортер. Моментално е редовен професор во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје.
Зад себе има повеќе учества на групни изложби во земјава и во странство, ликовни колонии, како и ликовни и мултимедијални хепенинзи, а реализирал и неколку самостојни изложби.
Изложбата „Боите“ ќе биде поставена во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ до 25 ноември 2026 година.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.
Никола Ивановски

