Блинкен ја повика Венецуела да објави детални изборни резултати

Сподели со своите пријатели

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги повика денеска изборните власти на Венецуела да објават детална табела со резултатите од гласањето на вчерашните претседателски избори за да се обезбеди, според него, „транспарентност и одговорност“.

Loading...

Блинкен додаде дека е „витално“ по завршувањето на гласањето секој глас да се брои правично и транспарентно, пренесува Ројтерс.

„САД му честитаат на народот на Венецуела за учеството на претседателските избори на 28 јули и покрај значителните предизвици и длабоката загриженост за процесот“, се вели во соопштението на Блинкен.

Националниот изборен совет на Венецуела денеска соопшти дека врз основа на резултатите од обработените 80 отсто од избирачките места, актуелниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, освоил 51,2 отсто од гласовите и победил на претседателските избори, обезбедувајќи трет мандат.

Неговиот противкандидат, опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија, според податоците на изборната комисија, освоил 44,2 отсто од гласовите.

Опозицијата се подготвува да ги оспори резултатите објавени од изборната комисија, пренесува АП.

Опозициските претставници рекоа дека податоците што ги собрале од нивните претставници на изборите во 30 отсто од избирачките центри покажуваат дека Гонзалес го победил Мадуро.

Во Венецуела вчера се одржаа претседателски избори, а противници на Мадуро беа опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија и уште осум кандидати, пренесува Танјуг.

Loading...