Белгија подготвена да ги прими ранетите жители на Газа

Сподели со своите пријатели

Болниците во Белгија се подготвени да ги примат ранетите жители на Појасот Газа доколку тоа го побара Египет, изјави белгискиот министер за одбрана Лудивин Дедондер, пренесува агенцијата Танјуг, повикувајќи се на белгиските медиуми.

Loading...

„Воената болница „Кралица Астрид“ во Брисел е подготвена, доколку тоа го побараат египетските власти, да ги прими ранетите на одделот за изгореници“, рече таа во обраќањето пред Претставничкиот дом на белгискиот парламент, пишува „Brussels Times“.

„Во соработка со белгиското Министерство за здравство, ние сме подготвени да се грижиме за други ранети во различни болници или здравствени установи во земјата“, додаде шефот на одбраната на оваа европска земја.

Отворени премини

Белгискиот премиер Александар Де Кро, кој е во дводневна посета на Блискиот Исток со неговиот шпански колега Педро Санчез, го повика Израел да ги отвори граничните премини со палестинската енклава за да се олесни испораката на хуманитарна помош.

„Израел треба да отвори други премини. Имаме само еден премин, што не е доволно. Израел треба да се отвори повеќе за да ја достави помошта што им е потребна на цивилите“, рече Де Кро за време на заедничката прес-конференција со Санчез и египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси.