Бектеши – Ковачевски: Успешно се пребродија кризите со електрична и топлинска енергија

Сподели со своите пријатели

Министерот за економија Крешник Бектеши и генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија Васко Ковачевски денеска на прес-конференција информираа за мерките кои што ги донесе Владата за справување со енергетската криза, а кои што се спроведоа преку АД ЕСМ кој како државна компанија секојдневно ги менаџиреше состојбите во справувањето со кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија.

Loading...

Министерот Бектеши во своето обраќање истакна дека во услови кога цела Европа е соочена со една од најголемите енергетски кризи, Владата преку АД ЕСМ успеа со навремени мерки да се справи со ценовниот шок кој што беше неминовен. Успеавме да обезбедиме минимален раст на цената на струјата и парното, а во време кога сите земји во регионот имаат рестрикции на струја, обезбедивме непречено снабдување со електрична енергија за сите домаќинства и мали потрошувачи.

„Како резултат на порастот на цените на енергенсите на европскиот пазар, пред се електричната енергија и гасот на крајот на годината настана потреба од итно преземање на мерки со цел справување со последиците од рапидниот пораст на цените. И можам слободно да кажам дека Северна Македонија беше една од првите земји во регионот, но и пошироко која што веднаш донесе мерки за справување со ценовните шокови кои што дојдоа однадвор“, кажа министерот Бектеши.

Министерот информираше дека со цел да се амортизира покачувањето на цената на електричната енергија и на парното, од Буџетот на државата на двапати на крајот на 2021 и на почетокот на 2022 година на ЕСМ му беа префрлени вкупно околу 10,6 милијарди денари или 171 милион евра, откако беше прогласена кризна состојба во електроенергетскиот сектор и кризна состојба на пазарот со топлинска енергија.

„Заложбата на Владата е во услови на криза, без оглед каква, пред се, да ги заштити граѓаните и стопанството. Навремено ги донесовме мерките за прогласување кризна состојба и можам слободно да кажам дека Северна Македонија беше една од првите земји во регионот, но и пошироко која што веднаш донесе мерки за справување со ценовните шокови кои што дојдоа однадвор. Овие мерки резултираа со многу помала корекција на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи која од почетокот на годината се зголеми за 9,4 отсто додека цената на струјата на берзите бележеше рекорди, како и помали цени на топлинската енергија за корисниците на парно од реалната пазарна вредност, односно цената изнесува околу 20 отсто од пазарната, потенцира Бектеши и додаде дека во цела Европа имаше покачувања на цената на струјата од 20 до 30 отсто, а во Турција за цели 120 проценти. Министерот Бектеши додаде дека реалното зголемување на цената ќе беше многу поголемо доколку Владата и АД ЕСМ не преземаа обврска да им помогнат на државните енергетски компании во наредниот период.

„Од 2018 година наваму од либерализацијата на пазарот на електрична енергија, ЕСМ се јавува како стабилизатор на цената на струјата, со поддршка на Владата. Цената на струјата на берзите се движеше од 113 евра за мегават час во септември 2021 година до 315 евра во март 2022 година, со бројни осцилации, а во пик до 600 евра. Во вакви услови цената на ЕСМ за струјата на граѓаните е само 41 евро за мегават час кон ЕВН хоум“, посочи Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, рече дека изминатите 7 месеци биле најтешките во постоењето на АД ЕСМ. Обврската за секојдневното менаџирање на криза со електрична енергија и на кризата со топлинска енергија му беше доделена на АД ЕСМ од страна на Владата, и таа обврска ја прифативме и извршивме во целост.

„Владата го задолжи ЕСМ и во однос на цената кон ЕВН Хоум, но и со 6 други продукти кои истовремено ги работи на енергетскиот пазар се со цел да се амортизира енергетската и топлинската криза. Преземавме обврска за 100% испорака на електрична енергија кон ЕВН Хоум, покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродиструбуција и МЕПСО, стартување на ТЕЦ Неготино, превземање на енергијата од ТЕ ТО, и времено управување во БЕГ и со Скопје Север за топлинската криза”, рече Ковачевски.

Loading...

Заради транспарентност и отчетност во користењето на средствата од кризната состојба, АД ЕСМ секој месец писмено ја информира Владата како се користат средствата од наменската сметка за кризата и заедно со Владата, премиерот и економскиот тим министри се креираат чекорите за менаџирање на состојбата.

Тие средства се искористени за набавки на основните енергенски и основни трошоци.

АД ЕСМ во време на енергетската криза го прошири својот обем на работа, интегрирајќи и други енергетски субјекти во својот систем, како ТЕЦ Неготино, ТЕ-ТО, менаџирањето со БЕГ и Скопје Север, снабдување на електрична енергија за системските загуби во мрежа на ЕВН и МЕПСО. При сите тие дополнителни обврски, успеавме целосно да го снабдиме ЕВН Хоум со потребната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.

Денеска сакаме да објавиме дека ги завршивме договорите за деловно-техничка соработка со ТЕЦ Неготино и со ТЕТО. Во изминатите 3 до 4 месеци овие два капацитети многу помогнаа во системот и со нивното интегрирање во работењето на АД ЕСМ се заштедија над 31 милиони евра.

Што се однесува до набавката на електрична енергија. АД ЕСМ беше принуден да набави енергија во тек на неколку месеци, пред се и најмногу во месец ноември кога имавме пожар предизвикан од надворешни фактори на трансформаторот на РЕК Битола, поради што во РЕК Битола беше исклучен од мрежата Блок 3 и истиот е во процес на санација.

Понатаму во текот на зимскиот период се наиде на проблеми при набавка на мазут и на дополнителни количини јаглен, а тоа беше предизвикано од енергетската криза поради која на пазарот не можеше навремено да се добават енергенси. Затоа во одредени денови бевме присилени да го спуштаме нивото на производство и да дополнуваме со набавена енергија. Не се набави голема количина на енергија, но со оглед на енормниот скок на цените на берзите, таа енергија нас не чинеше многу повеќе од тоа што било во минатото во околности на потреба.

Од денес ЕСМ продолжува да снабдува само преку своите капацитети-два блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, гасната електрана КОГЕЛ Скопје, хидроелектраните и ветерниот парк. Со ова производство се задоволува конзумот на домаќинствата и малите потрошувачи.

,,Кризата отвори потреба и од подолго користење на рудниците, така што инвестираме и во нови сопствени ископи, рудникот Живојно во РЕК Битола и рудникот Гуштерица во РЕК Осломеј. Но, мора да се има предвид дека во енергетиката резултатите доаѓаат по подолг период и ефектот од тоа што денес се работи во енергетиката ќе се види по 3 до 5 години. Издржавме голем удар, се подготвуваме за понатаму. Пред се за нови предизвици со енергетската криза и со следната грејна сезона“, рече директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Loading...