Амбасадорот на Израел во ОН го обвини Хамас за воени злосторства

Сподели со своите пријатели

Амбасадорот на Израел во ОН Гилад Ердан го обвини Хамас за воени злосторства и рече дека е време да се уништи „терористичката инфраструктура“ на таа палестинска милитантна група.

Loading...

„Ова се воени злосторства, ова се очигледно документирани воени злосторства. Заврши ерата на разумен третман на овие дивјаци. Сега е време да се уништи терористичката инфраструктура на Хамас, целосно да се избрише, за никогаш повеќе да не се повторат такви ужаси“, им рече Ердан на новинарите пред седницата на Советот за безбедност на ОН, што ќе се одржи вечерва зад затворени врати.

Тој додаде дека не гледа причина да не се продолжат преговорите за нормализација на односите на Израел со Саудиска Арабија, кои се водат со посредство на САД, пренесува Ројтерс.

„Не гледам причина зошто треба да се тргне од масата. Сè уште сакаме тоа да се случи“, рекол Ердан, пренесува Танјуг.

Ердан апелираше до меѓународната заедница да го поддржи Израел и да ги осуди акциите на Хамас.

Ројтерс претходно денеска, цитирајќи двајца неименувани високи американски функционери, објави дека Вашингтон верува дека нападот на Хамас врз Израел имал за цел „да ја наруши нормализацијата на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија“.