Узбекистан и Казахстан го отворија еден од најпрометните гранични премини во Централна Азија, Гишткуприк-Жибек Џоли, по речиси две години реконструкција, со надградени објекти дизајнирани да сместат до 100.000 патници дневно во најпрометниот дел од денот, објави денес „Еуроњуз“.
Отворањето се случува во време кога Узбекистан и Казахстан, двете најголеми економии во Централна Азија, ги зајакнуваат своите трговски и туристички врски, а Европската Унија се стреми да развие поефикасни транспортни врски со регионот.
Европската комисија го наведе како свој клучен приоритет развојот на Средниот коридор, кој ја поврзува Централна Азија со европските пазари преку Каспиското Море и Јужен Кавказ, со цел тројно зголемување на трговските текови по должината на рутата и значително намалување на времето за транзит на товар до 2030 година.
На контролниот пункт Гишткуприк-Жибек Џоли, кој се наоѓа недалеку од главниот град на Узбекистан, Ташкент, во 2024 година беа регистрирани повеќе од 11 милиони патнички премини, односно во просек околу 30.000 дневно.
Иако повторно отворениот контролен пункт им служи на пешаци, патнички автомобили и автобуси, а не на камиони, се очекува неговата модернизација да биде од корист за товарниот сообраќај меѓу Узбекистан и Казахстан.

