Часовник и шест пара манжетни се украдени од селската резиденција на принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт Мидлтон во Норфолк, Англија.
Меѓу украдените предмети е и еден пар поврзан со покојниот принц Филип, војводата од Единбург.
Станува збор за имотот Анмер Хол, кој е во сопственост на кралицата Елизабета II, подарен на Вилијам и Кејт во 2011 година, по повод нивната венчавка.
Детали за провалата беа откриени за време на судското рочиште во Норвич, каде што се појавија двајца мажи, 34-годишниот Мирген Доку и 32-годишниот Арилен Ндочи.
Двајцата се државјани на Албанија и се обвинети за провала со намера за кражба и неовластено влегување во заштитен имот, објавува Ројтерс.
Според обвинителството, осомничените провалиле во резиденцијата во понеделник вечерта и влегле во гардероберот, каде што наводно ги зеле споменатите предмети.
Нивната вредност сè уште не е утврдена, а засега нема потврда дали украдените предмети се пронајдени.
Во потрагата по осомничените биле вклучени полициски хеликоптер, дронови и кучиња трагачи.
Двајцата мажи биле пронајдени во блиска шума, без чевли.
За време на судската постапка, беше потврдено и дека полицијата бара трето лице кое е поврзано со кражбата, но кое сè уште не е уапсено.
Доку и Ндочи остануваат во притвор, а ново рочиште е закажано за понеделник.

