МРК Куманово остана без победа против Струга

Сподели со своите пријатели

Ракометарите на Куманово забележаа пораз викендов на гостувањето на РК Струга во рамките на 10. коло од домашната Суперлига, со резултат 27:23.

Кумановци одиграа борбен и неизвесен натпревар против директниот ривал во борбата за опстанок, во кој до самиот финиш беа во игра за позитивен резултат.

Првото полувреме донесе цврста и неефикасна игра на двете страни, а на паузата домаќините имаа минимална предност од 10-9.

Во продолжението се водеше израмнета битка, во која МРК Куманово се обидуваше да го одржи резултатскиот приклучок и да дојде до поволен исход.

Сепак, во последните седум минути Струга успеа да направи одлучувачка разлика, со три последователни погодоци за да на крајот мечот заврши со 27-23.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Шест медали за каратистите на „Ронин Доџо“ на Државниот натпревар „Трофеј Македонија“ (ФОТО)

Во редовите на МРК Куманово најефикасен беше Омар Солиман со девет постигнати гола, додека голманот Григор Трајковски забележа 11 одбрани и со своите интервенции му помогна на тимот да остане во натпреварот до самиот крај.

Кај домаќините, Никола Јукиќ беше прв стрелец со осум гола.

Кумановци немаат многу време за разочарување.

Пред тимот е продолжение на првенствените предизвици, во кои секој натпревар и секој освоен бод ќе имаат големо значење во борбата за подобра позиција на табелата.

Никола Ивановски