Експертски тим на ГРЕКО (Група држави против корупција) при Советот на Европа престојува во Куманово, во рамки на шестиот евалуациски круг посветен на спречувањето на корупцијата и унапредувањето на интегритетот на локално ниво.
Посетата се реализира во периодот од 2 до 6 ноември, а денеска градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, беше домаќин на претставниците на експертскиот тим.

Во рамки на посетата биле одржани средби на кои учествувале секретарот на Општината, претседателот на Советот на Општина Куманово, советници, раководители во општинската администрација, директори на јавни претпријатија, како и членови на управните и надзорните одбори.
На средбите се разговарало за постојните механизми за спречување на корупцијата, предизвиците во нивното спроведување, можностите за нивно унапредување, како и за добрите практики во работењето на локалната самоуправа.

Димитриевски посочи дека останува посветен на транспарентно, одговорно и отчетно работење, со јасно утврдени стандарди на интегритет и нулта толеранција за корупцијата.
Шестиот евалуациски круг на ГРЕКО е насочен кон процена на системите и практиките за спречување на корупцијата, како и кон зајакнување на интегритетот во институциите на локално ниво.
Никола Ивановски

