Мега концерт со настапи на познати македонски музички имиња, локални изведувачи и богата музичка програма ќе се одржи на 10 ноември на градскиот плоштад во Куманово, по повод одбележувањето на 11 Ноември – Денот на градот.
Концертот ќе започне во 19:30 часот, а посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на Next Time, Young Dadi, Bardhi, Brass Brothers, Анастасија Спасевска, Марио Арангеловски, Чапај, Ивона Јо, Мартинијан Кириловски, Лука Чомбе, Драгана Јовановска и Филип Александровски.
Програмата беше најавена денеска на прес-конференција од директорката на Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово, Сања Давидовиќ, која истакна дека целта е празникот да се одбележи со настан што ќе ги обедини граѓаните и ќе понуди забава за различни генерации.
– Токму затоа сакам и оваа година прославувањето да го одбележиме со концерт кој ќе ги обедини сите граѓани на Куманово, ќе донесе позитивна енергија и ќе ја покаже моќта на музиката како универзален јазик кој не познава граници, изјави Давидовиќ.
Таа посочи дека концертната вечер ќе биде поделена во неколку музички блока, а програмата ќе ја отворат локалните изведувачи, со групата „Солушн“ како придружен бенд за останатите настапи.
– Како Фондација, имаме обврска да создаваме што повеќе културни содржини каде што ќе им дадеме простор на нашите локални уметници, истакна Давидовиќ.
Во првиот дел од програмата ќе настапат домашните музички имиња, по што следуваат Young Dadi и Bardhi, наменети особено за помладата публика.
Третиот музички блок ќе го предводат Brass Brothers од Битола, познати по изведбите на домашна и светска музика со дувачкo-лимени инструменти.
Завршницата на концертот е резервирана за Next Time, кои ќе бидат главните ѕвезди на вечерта.
Давидовиќ ги покани граѓаните да присуствуваат и заеднички да го прослават празникот на градот.
– Ве поканувам сите граѓани на Куманово и сите добронамерници заедно и достоинствено да го одбележиме и прославиме празникот 11 Ноември – Денот на градот, во духот на музиката, пријателството и заедништвото, порача Давидовиќ.
Мега концертот е во организација на Фондацијата за култура и спорт, под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово.
Никола Ивановски

