Сто нови амбулантни возила се набавени за здравствениот систем, а Владата најавува и дополнителни инвестиции во здравството.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека новите возила ќе овозможат побрзо пристигнување на терен и попрецизна интервенција, благодарение на опремата со која располагаат.
„Но, онаму каде што е потребно убеден сум дека со овие возила побргу ќе се стигнува и ќе се интервенира многу попрецизно имајќи ја предвид опремата којашто ја поседуваат овие нови возила, 100 на број“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека набавката е значаен чекор за здравствениот систем, но дека остануваат уште многу проблеми за решавање, поради долгогодишното запоставување на здравствената инфраструктура.
„Многу работи се запоставени, многу работи се уништени, многу работи се украдени, но она коешто е задача на оваа Влада е тоа што е уништено, тоа што е запоставено, тоа што е украдено да го надомести. Има уште многу проблеми за решавање, не е сè решено со овие 100 возила“, рече премиерот.

Мицкоски најави дека инвестициите во здравството ќе продолжат и во периодот што следува. Во таа насока, посочи дека Владата разговара со Светската банка и Европската инвестициска банка за финансирање на изградба на клиничката болница во Штип, здравствениот дом со проширена дејност во Кичево и клиничката болница во Тетово.

Според најавите, одобрувањето на финансирањето за овие проекти се очекува кон крајот на првиот квартал од 2027 година, а почетокот на реализацијата на првиот проект е планиран за крајот на вториот или почетокот на третиот квартал од следната година.
Премиерот информираше и дека се разгледуваат две локации за новиот клинички центар во Скопје, а преговорите се очекува да завршат до крајот на годинава.

Најави и дека е можна набавка на уште 50 амбулантни возила во текот на следната година, доколку се исполнат предвидените услови.
„Битно е дека имаме 100 нови амбулантни возила, нешто што би рекол одамна не е направено за здравствениот систем во Македонија и се надевам за нови 50, Сашо нели за тоа што зборувавме, ако биде се како што треба, би требало уште нови 50 да добиеме, веќе следната година“, истакна Мицкоски.


