„Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска утре ќе биде промовиран во Куманово

Сподели со своите пријатели

Романот „Три Марии“ од писателката Оливера Ќорвезироска, добитник на три престижни книжевни награди, утре, 21 октомври, ќе биде промовиран во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, со почеток во 19 часот.

Промотор на романот ќе биде Ермис Лафазановски, а извадоци од делото ќе читаат актерките Александра Михајловска Величковски и Нина Максимова.

Романот „Три Марии“ отвора прашања за женските искуства, личните и колективните приказни, домот, идентитетот и семејството, истражувајќи ги начините на кои книжевноста ги преиспитува личните судбини и реалноста во која живееме.

Делото на Ќорвезироска доби три значајни книжевни признанија: „Рациново признание“ за најуспешно книжевно дело, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро прозно дело и признанието „Роман на годината“ за 2025 година, што го доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  140 садници јасмин ќе го красат малиот плоштад „Маршал Тито“ во Куманово (ФОТО)

Преку разговор за романот и неговите книжевни слоеви, посетителите ќе имаат можност поблиску да се запознаат со творештвото на авторката и темите што ги обработува во награденото дело.

Промоцијата е дел од Годишната литературна програма на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ за 2026 година, поддржана од Министерството за култура и туризам, и претставува можност за средба со современата македонска книжевност и афирмација на домашното литературно творештво.

Никола Ивановски