Донација од 25 електрични медицински кревети и опрема за Општа болница Куманово (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Општа болница Куманово доби хуманитарна донација од Франција, во рамки на соработката со Асоцијацијата Алзас – Македонија.

Медицинската опрема е наменета за потребите на пациентите и вработените во установата, а пристигна во Куманово како дел од пошироката соработка со организации од Алзас.

 

 

Донацијата опфаќа вкупно 74 парчиња опрема, меѓу кои 25 моторизирани, односно електрични медицински кревети, хидраулични кревети, лифтови за инвалидизирани лица, инвалидски колички и други помагала.

Жак Шлеф, почесен конзул на Македонија во Француската Република со седиште во Стразбур и претседател на Асоцијацијата Алзас – Македонија (АЛМА), истакна дека соработката со Куманово трае подолг период и опфаќа различни активности, вклучително и културни настани, а актуелната донација ја оцени како завршница на првата фаза од соработката.

– Ова не е првпат да сме во Куманово – сме биле тука и поради културни настани, сме организирале концерти со Ромите и многу други активности. Како заклучок на првата фаза од нашата соработка, ја реализираме оваа донација за болницата, што е и најважниот дел. Многу сме среќни што болниците и организациите од Алзас имаат можност да ја дадат оваа донација, изјави тој.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  24-годишник од Куманово возел мотор без дозвола, полицијата го привела

 

 

Директорот на Општа болница Куманово, Сашо Стошевски, истакна дека донацијата е од големо значење пред сè за пациентите и за подобрување на условите во болницата.

– Ова донација е од големо значење за болницата. Пред две недели добивме донација и од болница од Баден-Баден четири инкубатори за одделот за неонатологија и очекуваме уште две-три донации, додаде тој.

Покрај донациите, според Стошевски, во болницата во наредните три месеци се очекува да пристигне медицинска опрема во вредност од 108 милиони денари, односно околу 1,8 милиони евра.

Набавката, за која тендерската постапка веќе е завршена, опфаќа ехоапарати за повеќе одделенија, рентген апарат, централен мониторинг систем за интерно одделение, перфузори и друга опрема.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Без струја денеска и утре неколку локации во кумановско

– Набавката се состои од ехоапарати за офталмологија за интерно одделение, за педијатрија, гинекологија, неонатологија, за неврологија, уште еден до рентген апарат, централен мониторинг систем за интерно одделение, перфузори. Значи ваква инвестиција во болницата не се памти во последниве 30 години и се надеваме дека ќе ни бидат корист пред се за нашите пациенти, рече Стошевкси.

 

 

Директорот на болницата најави дека паралелно со набавката на опремата, медицинскиот кадар ќе биде упатуван на едукација и доедукација за работа со новата апаратура.

Александар Крстевски, директор на Домот за стари лица „Зафир Сајто“, објасни дека првично постоеле разговори дел од донацијата да биде наменет и за Домот за стари лица, но поради потребите на болницата било одлучено целата актуелна донација да биде насочена кон здравствената установа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Австриец приведен на Табановце со оружје

– Во најава имаме уште две големи донации во крајот на тековниот месец, од други организации, но благодарение на вмрежување со оваа организација дојдовме и до други организации, рече Крстевски.

 

 

Соработката со Асоцијацијата Алзас – Македонија опфаќа и други проекти во Куманово. Веќе е реализирана донација на прозорци и врати за реновирање на подрачното училиште при ООУ „Толи Зордумис“ во село Режановце, каде дел од проектните активности веќе се завршени.

За време на престојот во Куманово, француската делегација го посети реновираното училиште во Режановце, а во рамки на посетата ги обиколи и музејот и локалната црква.

Никола Ивановски