Во Куманово отворен првиот фестивал на кинески филм (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Во Занаетчискиот дом во Куманово синоќа свечено беше отворен првиот фестивал на кинеската филмска продукција во Македонија, настан кој преку филмската уметност има за цел да ги приближи културите и народите на Македонија и Кина.

 

 

На свеченото отворање присуствуваа претставници на Општина Куманово, културни работници и љубители на филмот, а со пригодна увертира беше означен почетокот на фестивалската програма.

Претходно, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, оствари средба со амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија, Џијанг Сјаојан, на која присуствуваа и секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, како и претставници од општинската администрација.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Превентивна акција на СВР Куманово против користењето телефони во сообраќајот (ФОТО)

 

 

Средбата се одржа во рамки на фестивалот, а во пријателска атмосфера било разговарано за досегашната комуникација и соработка, меѓусебната почит, како и за успешните проекти меѓу двете земји кои се од значење за граѓаните.

На свеченото отворање, амбасадорката Џијанг Сјаојан истакна дека културната размена и емоциите што ги пренесува филмското платно претставуваат мостови на пријателство и соработка меѓу двата народа.

Во обраќањето посебно место им беше посветено и на македонските филмски остварувања „Пред дождот“ и „Медена земја“, кои оставија значаен белег на меѓународната филмска сцена.

Фестивалот за отворен го прогласи Дејан Стојановски, раководител на Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита при Општина Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Дрва без жиг пронајдени во возило на 63-годишен кумановец, полицијата го привела

 

 

Фестивалската програма започна со проекцијата на филмот „Сонцето изгрева над сите нас“ (The Sun Rises on Us All).

Во рамки на фестивалот, на 7 и 8 октомври следуваат уште четири филмски вечери, со проекции на филмовите „Monster Hunt“, „When the Night Meets Light“, „Monster Hunt 2“ и „Like a Rolling Stone“.

 

 

Организатор на фестивалот е EU China Film Festival, со поддршка од Фондацијата за култура и спорт – Куманово и Општина Куманово.

Фестивалот претставува можност кумановската публика да се запознае со дел од современата кинеска кинематографија, но и преку филмската уметност да се отвори простор за понатамошна културна размена и соработка.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Обвинителството побара доживотен затвор за Трајко Бојковски (ВИДЕО)

Никола Ивановски