На денешното рочиште на кое странките ги искажаа завршните зборови во постапката, јавниот обвинител Љубомир Лапе побара од судот да му се изрече максимална казна доживотен затвор на осомничениот сериски убиец Трајко Бојковски.
Како што рече обвинителот Лапе во завршните зборови, обвинетиот жртвите ги бирал по пол, се прикрадувал и напаѓал со цел задоволување на некрофилски страсти.
На товар му се ставаат убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска.
– Обвинителството изведе материјални докази, записници од извршени увиди и ексхумација од кои се утврдија време и место, а од анализите на ДНК траги неспорно излезе дека кај Марија Маринковска и Мира Станковска се пронајдени траги од обвинетиот, а ДНК траги од обвинетиот Трајче се пронајдени и кај оштетената Росанка Трајковска, рече обвинителот, кој детално ги опиша повредите со кои се здобиле.
Сите четири жртви, како што истакна обвинителот се убиени на ист начин, имаат исти повреди, а кај три од нив се утврдени и повреди на интимните делови од телото.
Пред обвинител јасно го опишал начинот на кој ги убил, детали, што како што истакна обвинителот Лапе, не би можел да ги знае, ако не ги извршил делата.
– Според психијатриското вештачење, кад еги признал кривични дела, се утврди дека е пресметлив. Се утврди дека покажува способност за прикривање на што се надоврза исказот од вештото лице дека Трајче знаел да направи целоисходна комуникација со опис на делата и евентуално прикажување на неможност за комуникција, а со цел да извлече како корист за себе да се прикаже како неспособно лице, додаде обвинителот.

Според обвинителот Лапе, обвинетиот Бојковски има отсуство на чувство на вина, срам и каење.
– Технички и манипулативно вели дека се кае, а во себе нема емпатија поради што има шанси за повторување на делото. Предлагам судот да го огласи за виновен со казна доживотен затвор, истакна обвинителот.
Тони Цветковски, адвокат кој по службена должност му е доделен на обвинетиот Трајко Бојковски, своите заврши зборови ги започна со упатување сочувство кон семејствата кои ги загубиле своите најблиски.
Тој се осврна на негирањето на Бојковски дека го извршил убиството на сега покојната Станче Каревска од село Клечовце.
– Обвинителството има извршено темелна истрага и вложено напори да се расчистат сите кривично правни настани опишани во обвинителниот акт, но во конкретниот случај за убиството на Станче Каревска, освен начинот на извршување на главната расправа не беа изведени дополнителни докази со кои би се утврдило дека ја лишил од живот како што е опишано во обвинителниот акт, рече адвокатот.

Тој побара судот при изрекување на кривичната санкција да ги има предвид олеснителните околности, како и ветувањето дека во иднина нема да стори ново кривично дело, како и дека се работи за млада личност.
Во својата изјава за медиумите обвинителот Љубомир Лапе, рече дека одбраната е неосновна, затоа што постојат материјални и вербални докази.
– По однос на наводите зошто предложив најтешка казна доживотен затвор, тоа е од повеќе причини, а првенствено затоа што за ваков тип на сторители на кривични дела, видно од психијатриското вештачење, произлегува дека нема можност за ресоцијализација, постои висок степен на опасност за повторување на кривичните дела, едноставно не гледам како би можел повторно да се вклопи во општеството, истакна обвинителот Лапе.

Тројцата правни застапници на оштетените, исто така побараа изрекување максимална казна.
– Единствено се оспорува во делот што самиот Трајче не го признава, но од распитот можевме да видиме дека точно не знае кои жени ги убил, затоа што по редослед различно ги кажува. Од сите докази на обвинителството јасно се докажа дека тоа убиство е сторено од негова страна, така да не се сомневаме дека судот правилно ќе ги цени доказите на обвинителството и ќе донесе една правилна одлука која ќе биде за добро на општеството, изјави Драгана Илиевска Тодоровиќ, застапник на семејството на оштетената Станче Каровска.

Бојковски се терети за четири убиства и два обиди за убиство, а конечната пресуда судот ќе ја соопшти во петок.
Никола Ивановски

