Куманово од утре ќе биде еден од петте македонски градови во кои ќе се одржуваат проекции во рамки на првиот фестивал на кинески филмови во земјава.
Филмскиот фестивал од кинеска продукција се реализира во организација на Амбасадата на Народна Република Кина во Република Македонија, а покрај Куманово, домаќини се и Скопје, Битола, Велес и Кочани.
Манифестацијата во земјава трае од 2 до 13 октомври 2026 година и е дел од поширока програма која се реализира во повеќе европски држави.
Во Куманово, проекциите ќе се одржат во Занаетчискиот дом, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово и Одделението за култура и спорт при Општина Куманово.
Програмата започнува утре, 6 октомври, во 19:30 часот со свеченото отворање и проекцијата на „The Sun Rises on Us All“.
На 7 октомври, од 11:30 часот ќе биде прикажан филмот „Monster Hunt“, додека вечерната проекција во 19:30 часот е резервирана за „When the Night Meets Light“.
На 8 октомври, од 11:30 часот публиката ќе може да го погледне „Monster Hunt 2“, а фестивалската програма во Куманово ќе заврши во 19:30 часот со филмот „Like a Rolling Stone“.
Филмовите опфаќаат различни жанрови и теми, од фантастична авантура и приказни инспирирани од кинеската митологија, до современи драми кои се занимаваат со човечките односи, животните предизвици и личните избори.
Проекциите во Куманово претставуваат можност локалната публика да се запознае со дел од современата кинеска кинематографија, но и со културата и филмската продукција на Кина.
Влезот за проекциите е бесплатен.
Никола Ивановски

