Општина Куманово најави дополнителна механизација за санирање на Краста (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Деценискиот проблем со опожарувањето на депонијата „Краста“ повторно беше тема на средба меѓу локалната самоуправа и жителите од околните села.

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, заедно со претседателката и дел од членовите на Советот на Општината, пратеници во Собранието и директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, денеска се сретна со жители од Пчиња, Винце и Студена Бара.

На средбата било договорено Општина Куманово да ангажира дополнителни сили и техничка механизација за интервенција на депонијата, како и да побара помош од општествено одговорни компании од градот за обезбедување дополнителни количини земја со која би се прекрила локацијата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Куманово и Чајетина ја продолжуваат спортската соработка преку одбојката

– Општина Куманово ќе ангажира дополнителни сили со техничка механизација да излезе на терен, а ќе побараме помош од општествено одговорни компании во градот и дополнителни количини земјиште коишто треба да се распостелаат на моменталната локација, изјави Димитриевски.

 

 

Според него, проблемот со депонијата „Краста“ не е од вчера, туку станува збор за децениски проблем, чие интензивирање е поврзано и со високите температури и недоволната интервенција со механизација во изминатиот период.

Димитриевски посочи дека краткорочно Општината ќе се обиде да го стави проблемот под контрола, додека трајното решение го гледа во изградбата на регионален систем за управување со отпад.

Тој информираше дека проектот за изградба на претоварна станица и фабрика за преработка на отпад на локацијата „Мечкуевци“ во Свети Николе, наменет за Источниот и Североисточниот регион, е во напредна фаза. Документацијата од евалуацијата и тендерската постапка е доставена до Канцеларијата на Европската Унија, по што се очекува мислење за продолжување на постапката и избор на најповолен понудувач.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Денеска и утре без струја неколку локации во Куманово

– Во моментов ние само треба да купуваме време и ќе се обидеме максимално да помогнеме на нашето јавно претпријатие да се справи со овој децениски проблем, рече Димитриевски.

 

 

Од месната заедница Пчиња велат дека најавената интервенција со механизација претставува само краткорочно решение и бараат проблемот да се разгледа на повисоко ниво.

– Дојдовме до некој усмен договор каде градоначалникот и Општина Куманово ни гарантираа дека за два дена ќе пуштат соодветна механизација со која ќе се санира проблемот. Тука не гледаме решение со два дена со машини и со земја, бараме на повисоко ниво да се разгледа нашиот проблем и очекуваме да го решиме овој проблем за мештаните, кој е децениски“, изјави Александар Илиевски, претседател на МЗ Пчиња.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Осомничениот сериски убиец Трајко Бојковски призна три од четири убиства за кои се терети (ВИДЕО)

Од Општина Куманово посочуваат дека краткорочната санација треба да обезбеди справување со актуелната состојба, додека долгорочното решение се очекува преку регионалниот проект за управување и преработка на отпад.

Никола Ивановски