Мицкоски: Без намалувањето на ДДВ и акцизата, дизелот ќе беше поскап за 11,5 денари

Сподели со своите пријатели

Без намалувањето на ДДВ-то и акцизата, дизелот ќе беше поскап за 11,5 денари по литар, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски од Табановце.

Мицкоски посочи дека одлуките за намалување на ДДВ и акцизата директно влијаат врз крајната цена на горивата, при што нагласи дека без овие мерки дизелот во моментов би бил значително поскап.

„Доколку не се донесеше оваа одлука и претходните одлуки за намалување на акцизата, еве на пример цената на дизел горивото ќе беше за отприлика 11-11,5 денари поскапа по литар, од ова што е денеска“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека ефектот од пониските цени се гледа и преку зголемената потрошувачка на гориво на бензинските станици во земјава. Според него, дневно се точат повеќе од два милиони литри гориво, а околу 70 проценти од вкупната потрошувачка отпаѓаат на дизелот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец му се заканувал на премиерот Мицкоски, Обвинилтеството бара притвор

„Тоа значи дека само по основ на дизел горивото, дневната заштеда на македонските граѓани е повеќе од 250.000 евра“, изјави премиерот.

Мицкоски додаде дека кога ќе се земе предвид периодот од околу две недели, како и намалената акциза кај безоловниот бензин од 95 и 98 октани, директната заштеда за граѓаните, според неговата пресметка, достигнува меѓу 4,2 и 4,5 милиони евра.

Покрај директната заштеда, премиерот оцени дека пониските цени на горивата имаат влијание и врз инфлацијата, бидејќи горивата се значаен трошок и за граѓаните и за стопанството.

Тој се осврна и на фактот дека дел од потрошувачката на гориво во земјава доаѓа од странски државјани, особено во пограничните и фреквентните делови на земјата, поради разликите во цените со соседните држави.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Од полноќ нови цени на горивата: Дизелот станува поевтин од бензинот!

„Во моментот имаме најниска цена на дизел горивото и на безоловниот 95 и 98 октански бензин и ако се спореди со цената којашто ја имаат нашите соседи, па и во Европа, тогаш разликата е помеѓу 20 и 50 проценти“, рече Мицкоски.

Премиерот оцени дека ваквата политика е насочена кон ублажување на ударот од високите енергетски цени врз животниот стандард и порача дека Владата ќе продолжи да презема мерки во рамките на своите можности.