Куманово по подолг временски период има одлична соработка со централните власти, оцени градоначалникот Максим Димитриевски, посочувајќи ја поддршката што Општината ја добива преку владините проекти и донации.
Димитриевски рече дека позитивниот однос кон Куманово се гледа преку реализацијата на повеќе проекти, меѓу кои и донацијата на пет специјализирани комунални возила, како и најавената поддршка за јавниот превоз.
– Онаа што за нас е битно е дека Куманово после подолг временски период има одлична соработка со централните власти и тоа е евидентно со добивање на вакви донации, изјави Димитриевски.
Тој посочи дека во минатото помошта кон општините не била рамномерна, но оцени дека сега ситуацијата е поинаква.
– Во минатото имало скромна помош, секогаш централните власти се однесувале кон едни како мајка кон други како маќеа, но сега веќе со оваа влада не е тоа случај, рамномерно се распоредуваат средствата по глава на жител на секоја општина подеднакво, рече градоначалникот.
Како потврда за тоа, Димитриевски ја посочи и денешната донација од пет специјализирани возила за комуналната служба, додавајќи дека очекува продолжување на соработката со Владата и во реализацијата на други проекти во Куманово.
Во моментов се реализира проектот за реконструкција на градската капела, а најавена е и изградба на мост на територијата на Општина Куманово, на Крива Река, кај селото Довезенце.
Димитриевски ги посочи и останатите инфраструктурни проекти поврзани со изградба и уредување на локални улици.
– Општина Куманово покрај оваа донација којашто ја доби директно од Владата преку ресорното министерство дополнително аплицираше и на поголем број на повици и во Владата и во ресорното Министерство за транспорт и врски. Сите се одговорени позитивно. Во моментов се имплементира проектот за реконструкција на градската капела дополнително ќе следува и првата изградба на мост на територија на Општина Куманово, конкретно на локација на Крива Река тоа е селото Довезенце и дополнително уште други инфраструктурни проекти со изградба на улици, рече градоначалникот.
Никола Ивановски

