Нема затворено училиште во Куманово, бројот на првачиња скоро ист како лани (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Нема затворено училиште во Куманово, а бројот на првачиња годинава е речиси ист како лани.

На првиот училишен ден, во кумановските основни училишта се запишани вкупно 898 првачиња, односно шест помалку во споредба со минатата учебна година.

Во средните училишта, пак, прва година започнуваат 1.098 ученици, што е за 60 повеќе од лани.

 

 

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека годинава во сите училишта наставата започнува навреме, а вкупниот број ученици во основните и средните училишта изнесува 12.988, наспроти 12.920 во минатата учебна година.

Тој посочи дека Куманово е една од ретките општини каде што бројот на ученици не бележи значително намалување, иако согласно процесот на оптимизација на мрежата на училишта ќе има намалување на бројот на паралелки.

– 68 ученици имаме повеќе, една од ретките општини каде што рапидно бројот на учениците не е намален. Како и да е, согласно оптиматизацијата во училиштата којашто ја спроведува ресорното Министерство за образование и наука, ќе бидат намалени вкупниот број на паралелки, но исто така сум задоволен што останаа сите училишни субјекти да функционираат и немаме затворање на училишта, изјави градоначалникот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Прегазен пешак во Куманово, возачот избегал

 

 

Според Димитриевски, најголем предизвик остануваат руралните средини, особено поради намалениот број деца од генерациите родени во периодот на ковид-кризата. Тој очекува состојбата да се подобрува во наредните години.

– Најкритично е во руралните средини, а особено дека се соочуваме со генерација на деца коишто се раѓаа во време на корона кризата. Тоа значи оваа година и следната година ќе бидат најкритични по однос на бројот на запишани деца во прво одделение, рече Димитриевски.

 

 

Тој додаде дека годинава се зачувани поголем број училишта кои претходно биле опфатени со плановите за оптимизација.

Во однос на условите во училиштата, градоначалникот посочи дека во изминатите осум години се реконструирани околу 70 проценти од училишните капацитети во Куманово.

Општината, како што рече, има подготвено повеќе проекти за реконструкција и очекува тие да бидат одобрени преку повици од Министерството за образование и наука.

– Од вкупниот број на 21 основно и средно училиште во Куманово, ние во изминатите осум години успеавме некаде 70 проценти од училишните капацитети да направиме делумна или целосна реконструкција, рече градоначалникот.

 

 

Раководителот на Секторот за образование при Општина Куманово, Александар Јовановиќ, информираше дека уписот се одвивал согласно реонските обврзници на училиштата, при што во одредени централни училишта бројот на ученици во паралелките е поголем, додека во руралните средини има паралелки со помал број ученици.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Коалицијата никогаш не функционирала подобро (ВИДЕО)

– Во Куманово имаме процес на, би рекол, промена на една демографска структура, каде што населението од еден дел од Куманово мигрира во друг и кои се во постапка на промена на својата адреса на живеење и личната карта на живеење, каде што се направи еден мал дисбаланс, рече Јовановиќ.

И тој нагласи дека годинава нема затворање на училишта на територијата на Општина Куманово, но училиштето во селото Речица е единственото во кое годинава не е запишено ниту едно прваче.

 

 

– Во општинското основно училиште „11 Октомври“, подрачно училиште село Речица, во прво одделение нема запишани. Затворени училишта како што е изјави министерката на ниво на Македонија можеби има, меѓутоа во Општина Куманово за оваа учебна година немаме затворање на училиште, изјави Јовановиќ.

Во дел од руралните училишта веќе се спроведува едносменска настава, а од оваа учебна година одобрени се и дополнителни можности за продолжен престој во дел од училиштата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Малолетничка од Куманово нападната од врсник

Директорката на ООУ „Браќа Миладиновци“, Јасмина Спасовска, информираше дека ова училиште годинава има запишано 120 првачиња, што е најголем број во општината, а вкупно има 1.284 ученици.

 

 

Таа нагласи дека оптимизацијата не ги зафатила руралните подрачја кои се во состав на училиштето, а како пример го посочи подрачното училиште во село Пчиња.

– Драго ми е што оптимизацијата не ги зафати нашите рурални средини, меѓутоа тоа се должи на една стратегија која имавме со години наназад, каде што беше реконструирано целосно училиштето во подрачното училиште село Пчиња, рече Спасовска.

Во училиштето во Пчиња, според неа, во моментов учат околу 65 ученици, а во иднина се планира воведување продолжен престој и за учениците од Пчиња и од Студена Бара.

 

 

Спасовска посочи и дека училиштето во Пчиња е целосно уредено и обезбедени се услови за настава во текот на целата година.

– Училниците се комплетно средени и можам да кажам дека се затоплуваат и се ладат со клими, значи тотално на еколошката страна беше училницата запазена и услови створени благодарение, значи, со едно стратешко размислување за целосна санација на оваа училишна зграда, рече таа.

Никола Ивановски