Движење ЗНАМ: НЕМА МЕСТО ЗА ГЛОРИФИКАЦИЈА НА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА ВО МАКЕДОНИЈА

Сподели со своите пријатели

Движењето ЗНАМ за Нашa Македонија реагира по спорната објава на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, со која беше величан правосилно осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.

Од ЗНАМ велат дека објавата е личен став на Китановиќ, но истовремено ги осудуваат воените злосторства и нивната глорификација, отфрлајќи ја, како што велат, политичката инструментализација на случајот.

Целосното соопштение од Движењето ЗНАМ ви го пренесуваме во продолжение:

Во политиката има моменти кога дневнополитичката калкулација мора да престане, а зборовите мора да ја имаат тежината на одговорноста. Односот кон воените злосторства, жртвите и правосилните пресуди на меѓународните судови е токму таков момент.

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување.

За нас не постојат двојни стандарди кога станува збор за почитувањето на жртвите, меѓународното право и цивилизациските вредности. Ниту еден воен злостор не може да биде оправдан и ниту еден правосилно осуден воен злосторник не може да биде претставуван како пример за почит или восхит.

Објавата е личен став на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и не може да се поистоветува со ставот на Владата, ниту со политиката на носителите на власта и одговорноста за сопственото јавно постапување и лични ставови мора да се преземе лично и институционално.

Оттука, несериозно и политички нечесно е да се тврди дека ЗНАМ „молчи“, само затоа што не сме реагирале по диктатот и во рокот што некој од опозицијата ни го одредил.

ЗНАМ говори и делува врз основа на сопствени принципи.

Ако навистина сакаме сериозно да разговараме за европските вредности, демократијата, соочувањето со минатото и почитувањето на меѓународното право, тогаш да разговараме без етикетирања, без политички памфлети и без историски конструкции скроени за дневнополитичка употреба.

ЗНАМ ја осудува секоја глорификација на воени злосторства и воени злосторници. Истовремено ЗНАМ, ја отфрла и политичката инструментализација на ова исклучително сериозно прашање со цел создавање колективна вина, етнички поделби и политички конструкции.

Венко Филипче и СДСМ од една сериозна тема создаваат цела политичка конструкција во која се обидува да ги спои партиите од власта и Движењето ЗНАМ, Србија, Александар Вучиќ, „српскиот свет“, Кина, Русија, МПЦ, кое за нас, претставува, класичен политички спин чија цел е една конкретна постапка да ја претвори во поширока конструкција за дискредитација на цела Влада и на нејзините коалициски партнери.

Истовремено, како Движење и сериозен политички субјект, нема да дозволиме самопрогласени политички толкувачи да ни објаснуваат што мислиме, во што веруваме и за што се залагаме.

Ставот на ЗНАМ е јасен, НАТО и ЕУ се иднината на Македонија! ЗНАМ ќе продолжи да ја носи својата одговорност кон Македонија со сопствен став, јасни принципи и почит кон државноста, меѓународното право и кон сите нејзини граѓани.