Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека Израел не се согласил со планот на Одоборот за мир за Газа, поддржан од САД, дури и откако добил уверувања дека израелската армија ќе се повлече од Појасот Газа само откако палестинската милитантна група Хамас ќе биде разоружана.
Во видео објавено на Фејсбук, Нетанјаху рече дека тимот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го предводи Одборот за мир, „верува дека тие можат да доведат до разоружување на Хамас и демилитаризација на Газа“, објави „Тајмс оф Израел“.
„Претседателот Трамп мисли, или неговиот тим мисли, дека можат да го принудат Хамас да се разоружа и демилитаризира Газа. Ние го разгледуваме тоа. Тие ни испратија нацрт. Ние не се согласивме со него. Тоа не беше наш нацрт. Ги повлековме нашите коментари“, рече Нетанјаху.
Тој ги повтори коментарите што се појавија во медиумите во изминатите неколку дена, а им се припишуваа на „високи израелски функционери“, наведувајќи дека Израел нема да се повлече „од своите сегашни линии“ во Газа „сè додека Хамас не биде целосно разоружан“.
Тоа е спротивно на планот за разоружување, кој бара од Израел да се повлече на оригиналната Жолта линија во Газа, на која се повлече како дел од договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците од октомври 2025 година со Хамас, но оттогаш ја прошири својата контрола врз Појасот Газа од 53 проценти на над 60 проценти.
Иако Одборот за мир посочи дека Израел нема да мора да се повлече преку оригиналната Жолта линија сè додека Хамас барем не почне да го предава своето оружје, Нетанјаху изјави дека израелските сили воопшто нема да се повлечат сè додека Хамас не биде целосно разоружан.
Висок американски функционер изјави на прес-конференција минатата недела дека предлогот за разоружување е продолжение на планот на Трамп од 20 точки за завршување на војната во Газа, кој Израел веќе го прифати минатата есен, и дека, соодветно на тоа, од Израел се бара само да се придржува до планот од 20 точки.

