Во Конго, според најновите податоци, потврдени се речиси 4.000 случаи на ебола, а генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, пристигна во таа земја за да ги поддржи напорите за борба против епидемијата.
Тој пристигна во Киншаса, главниот град на Конго, каде што треба да се сретне со здравствените партнери и претседателот на земјата, Феликс Чисекеди, и ова е негова втора посета на земјата откако епидемијата беше прогласена кон средината на мај, објавува АП.
Според Министерството за здравство на Конго, до понеделник се регистрирани 3.874 случаи на ебола, вклучувајќи 1.751 смртен случај.
Оваа епидемија се шири побрзо од која било претходна епидемија на ебола, а во однос на бројот на заразени, таа е втора најголема досега регистрирана, веднаш зад епидемијата во Западна Африка од 2014 до 2016 година, кога повеќе од 28.000 луѓе се разболеа, додека повеќе од 11.000 починаа.
Сегашната епидемија е предизвикана од вирусот Бундибугио, за кој во моментов нема одобрен третман или вакцина.
Локалните власти веруваат дека болеста била присутна во оддалечените делови на источен Конго долго пред официјално да биде прогласена.
Особен проблем е фактот што голем број нови случаи не се поврзани со претходно идентификувани контакти на заразени лица, што укажува дека вирусот се шири побрзо отколку што здравствените служби успеваат да го следат и контролираат.
Најголемиот број случаи е регистриран во покраината Итури, каде што се наоѓаат речиси 90 проценти од пациентите.
Сепак, пристапот до многу области е тежок поради безбедносната ситуација и конфликтите со бунтовничките групи.
Дополнителен проблем е штрајкот на дел од здравствените работници поради неисплатени плати, иако некои вработени во последните денови потврдија дека добиле бенефиции.
Директорот на Африканските центри за контрола и превенција на болести, Жан Касеја, предупреди дека системот за следење на контактите на заразените во моментов не работи доволно ефикасно, бидејќи помеѓу 60 и 70 проценти од новите случаи доаѓаат од луѓе кои не биле на претходно утврдените списоци со контакти.
Доцното откривање на пациентите е еден од најголемите предизвици и една од главните причини за високата стапка на смртност, која во моментов е околу 45 проценти.
Во последните 24 часа се пријавени 77 нови случаи, вклучувајќи 44 смртни случаи.
Во моментов, најмалку 717 пациенти се во изолација, додека 749 лица се излекувале од болеста.

