Во третиот ден од пожарот во близина на градот Спокејн во државата Вашингтон на северозападот на САД, уништени се најмалку 700 згради, а над 60 илјади жители беа принудени да се евакуираат, соопштија во понеделникот локалните власти.
Од избувнувањето во саботата, пожарите околу Спокејн изгореа над 30 квадратни километри во предградијата на северниот раб на градот со околу 230 илјади жители.
Наредбата за итна евакуација во понеделникот опфати околу 64.000 луѓе, изјави портпаролот на командниот центар за кризи, Бенџамин Косел. Еден ден претходно беа евакуирани четири илјади жители на областа.
Изгореа најмалку 700 објекти, повеќето во станбени области, а инфрацрвените воздушни истражувања покажаа дека уште 400 згради, вклучително и станбени згради, можеби се оштетени или уништени во пожарот, рече портпаролот.
Причината за пожарот се уште е под истрага.
Досега не се пријавени повредени или смртни случаи, рече Косел, додавајќи дека тоа „многу веројатно“ ќе се промени во наредните денови, откако слегнувањето на пожарот ќе им овозможи на спасувачките тимови пристап до погодените области кои сè уште не се достапни поради екстремната пожарна активност.
Непознат е бројот на исчезнати лица, бидејќи пожарот се проширил од шумската област во населените области и комерцијално развиените области, кои „од шумски пожар се претвориле во градски пожар“, посочи Косел.
Околу 1.100 пожарникари работат на гаснење на пожарот во Спокејн, изјави официјалниот претставник, но до понеделник тие не беа во можност да стават под контрола ниту еден од трите пожари во областа.
Пожарникарите се надеваат дека посвежото, помалку ветровито време што се очекува во понеделник и вторник ќе им овозможи да постигнат подобри резултати пред да се прогнозира да се вратат екстремно високите температури, ниската влажност и силните ветрови во средината на неделата, рече Косел.
Низ САД, над 29.200 пожарникари се борат со шумски пожари, а повеќето од нив работат во Орегон, државата Вашингтон и Ајдахо, според податоците на Националниот меѓуагенциски центар за пожари.
Во саботата, агенцијата објави повеќе од 100 нови големи шумски пожари во 15 држави, а повеќето од нив избувнаа во северозападниот дел на САД.
Од почетокот на годината, ширум САД избувнале вкупно 44.722 шумски пожари, покажуваат податоците на Националниот меѓуагенциски противпожарен центар, што е најголем број пожари регистрирани во тој период во најмалку десет години.
Во периодот од јануари до почетокот на август во пожари изгореле повеќе од 20 илјади квадратни километри, најмногу од 2022 година, наведува агенцијата.
Државата Вашингтон, на брегот на Пацификот, се граничи со Канада, која исто така се бори со сезоната на пожари што премиерот Марк Карни ја опиша како „една од најинтензивните во историјата“, горејќи три милиони хектари земја, приближно колку Белгија.
„Експлозивни“ пожари сè уште горат во Британска Колумбија, канадска провинција која граничи со Вашингтон.
Условите кои во последните години го зголемија бројот на шумски пожари во Северна Америка, Европа и други делови од светот се дел од климатските промени предизвикани од човековата активност, особено кога станува збор за периоди на долготрајна суша и екстремни горештини, предупредуваат научниците.

