Јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека 13 лица се потврдени како мртви откако земјотрес со јачина од 7,1 степени ја погоди префектурата Кумамото на југозападот од земјата.
Потрагата по исчезнатите сè уште е во тек.
Токиската полиција испрати хеликоптер и осумчлен тим за итни интервенции и спасување специјализиран за реагирање при катастрофи во погодената област, објави Кјодо.
По земјотресот, имаше и експлозија во трговски центар во градот Кашима, кој го управува групацијата Аеон.
Локалните власти објавија дека две жени загинале, една е пронајдена во несвест, додека пет други лица се повредени.
Пред уривањето на вториот кат од зградата, околу 200 лица беа евакуирани.
Услугите на Шинкансен на островот Кјушу остануваат суспендирани, додека трамваите во градот Кумамото ќе работат со намалена брзина, со предупредувања дека услугата може повторно да биде суспендирана доколку има посилни потреси.
„Џапан ерлајнс“ и „Ол Нипон ервејс“ откажаа 11 летови поради земјотресот.
Некои компании во регионот привремено ја прекинаа својата работа, а неколку илјади домаќинства останаа без електрична енергија.
Најпогодените области во префектурата Кумамото регистрираа максимален интензитет од седум степени според јапонската сеизмичка скала откако земјотресот го погоди регионот во 16:27 часот по локално време.

