Русија: Над 400 украински дронови беа испратени кон Московскиот регион

Сподели со своите пријатели

Повеќе од 400 украински беспилотни летала се испратени вечерва во правец на Московскиот регион, објави денес градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, додавајќи дека повеќето од нив биле соборени.

Тој прецизираше дека во периодот од 20:30 часот во неделата по московско време до 5:00 часот утрово, повеќе од 400 непријателски беспилотни летала се испратени во правец на Московскиот регион, а повеќето од нив биле неутрализирани од силите за воздушна одбрана на голема оддалеченост од градот, додека 85 беспилотни летала се уништени при пристапот кон Москва, пренесува ТАСС.

Француски „Фигаро“ објавува соопштение од болницата Домодедово во јужниот дел на Москва, според кое шест лица кои претрпеле повреди од експлозијата се префрлени во таа болница. Болницата не прецизираше дали повредите се поврзани со нападот со беспилотни летала.

10 лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во Подмосковскиот регион поради напади со беспилотни летала, објави гувернерот на тој регион, Андреј Воробјов.

Во последните месеци, Украина ги засили нападите врз Русија, велејќи дека таа конкретно ја таргетира нафтената инфраструктура во обид да го намали капацитетот на Москва за финансирање на војната.