Поранешен кинески функционер осуден на смрт: Примал мито 30 години

Сподели со своите пријатели

Суд во источна Кина осуди поранешен градски функционер на смрт за прифаќање на мито од повеќе од 2,2 милијарди јуани, или околу 283 милиони евра, во текот на 30 години.

Јанг Јулин, кој држел разни функции во градот Нанџинг од 1993 до 2023 година, беше прогласен и за виновен за проневера, злоупотреба на службена должност и перење пари.

Нелегално стекнатата имотна корист во неговиот случај е една од најголемите регистрирани во последните години.

69-годишникот ги користел своите позиции за да им помогне на другите да добијат договори за градежни проекти, трансфер на земјиште и финансирање, додека за возврат добивал пари и вредни предмети, објавија државните медиуми.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Топлотниот бран во Европа однесе повеќе од 20.000 животи? Наскоро доаѓа нов!

Јанг беше под истрага како дел од антикорупциската кампања на претседателот Си Џинпинг, која, меѓу другите, влијаеше на највисоките воени лица и високите нивоа на банкарскиот сектор.

Јанг, кој поголемиот дел од својата кариера го поминал работејќи на економскиот и технолошкиот развој на Нанџинг, извршил кривични дела од „исклучително сериозна природа“ и „предизвикал исклучително големи загуби за интересите на државата и народот“, објави во понеделник судот во градот Чангжу, јавува Би-Би-Си.

Откако дојде на власт, претседателот Си започна серија антикорупциски кампањи, за кои критичарите тврдат дека се користеле и како алатка за елиминирање на политичките ривали.

Смртните казни за економски кривични дела се уште се ретки, иако повремено се изрекуваат, главно во случаи што вклучуваат големи суми од повеќе од милијарда јуани.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Куба во темнина: Целиот остров е без струја, кризата се продлабочува

На пример, поранешниот финансиски службеник Лаи Сјаомин беше погубен во 2021 година за примање мито од 1,8 милијарди јуани во текот на десет години.

Ли Џианпинг, поранешен службеник од Внатрешна Монголија, беше погубен во 2024 година за проневера и поткуп во вкупен износ од повеќе од три милијарди јуани.

Во многу други случаи, судовите изрекоа затворски казни или условни смртни казни, кои по одреден период беа заменети со доживотен затвор.

Во некои случаи, судовите ги намалувале казните дури и кога осудените пријавиле други сторители.

Но, иако Јанг на сличен начин им помагал на властите, неговите злосторства биле „толку сериозни“ што помошта не била доволна за да се оправда полесна казна, соопшти судот во Чангжу.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Започнува самитот на НАТО во Анкара: Сојузниците бараат поголеми инвестиции во одбраната