Невработените лица од Куманово и регионот до 3 јули можат да аплицираат за мерката „самовработување“ на Агенцијата за вработување, преку која државата доделува неповратни грантови од 10.000 евра за млади до 29 години и 7.000 евра за останатите категории невработени лица.
Според Ндерим Јашари, раководител на Центарот за вработување Куманово, интересот за мерката е голем уште од првите денови по објавувањето на јавниот повик.
– Секој ден има сѐ повеќе апликации. На 21 јуни беше објавен јавниот повик и веќе следниот ден имавме 28 апликации, а наредниот ден бројката се зголеми на 47, што покажува дека постои сериозен интерес кај граѓаните. Сите невработени лица кои имаат бизнис-идеја и сакаат да отворат сопствен бизнис можат да аплицираат кај нас до 3 јули“, изјави Јашари.
Тој појасни дека кандидатите при аплицирањето пополнуваат пријава, изјава и прашалник, додека дел од прашалникот се пополнува заедно со службено лице.
Врз основа на добиените бодови се врши рангирање, по што селектираните кандидати продолжуваат во следните фази од постапката.
Програмата е наменета за невработени лица со реална бизнис-идеја на кои им е потребна почетна финансиска поддршка.
Право на учество имаат и припадници на ромската заедница, повратници од странство, лица кои сакаат да го формализираат сопствениот бизнис, како и жртви на родово и семејно насилство.
Јашари нагласува дека средствата не се исплаќаат директно на корисниците и не можат да се користат за тековни трошоци.
– Морам да разјаснам, ова не се пари кои ги даваме на рака. Ова се средства за материјали, репроматеријали и опрема што е неопходна за започнување на дејноста. По пријавувањето следува четиридневна обука, а потоа се изработува бизнис-план. Во него детално се наведува што треба да се набави. Доколку бизнис-планот биде оценет како успешен, кандидатот отвора фирма и склучува договор со Агенцијата за вработување, објасни Јашари.
По регистрацијата на фирмата, корисникот доставува профактури за планираните набавки, по што средствата се префрлаат директно на сметката на добавувачот.
– Ние не ги исплаќаме средствата на апликантот. По отворањето на наменска сметка во банка, парите директно се префрлаат кај добавувачот на опремата или материјалите. Потоа корисникот е должен во следните 24 месеци редовно да ги плаќа придонесите, додава Јашари.
Покрај индивидуалното самовработување, програмата предвидува и можност двајца невработени лица заеднички да основаат друштво со ограничена одговорност, при што секој би поседувал по 50 проценти од сопственоста.
Во таков случај вкупната финансиска поддршка може да достигне до 1,23 милиони денари.
Од програмата се исклучени лицата кои веќе користеле грант за самовработување, како и оние кои во последните 12 месеци биле основачи или управители на фирма со иста дејност.
Не се поддржуваат ниту проекти од класичното земјоделство, освен органското производство, како и такси-превоз, производство на оружје и муниција, финансиски и осигурителни дејности, игри на среќа, приватни агенции за вработување и приватни здравствени установи.
Според последните достапни податоци од крајот на мај, во Куманово биле евидентирани околу 9.000 невработени лица, иако бројката постојано варира.
Од Центарот за вработување очекуваат мерката и годинава да придонесе дел од невработените да создадат сопствен извор на приходи и да отворат нови работни места.
Никола Ивановски

