Бројот на жртви од земјотресот со јачина од 7,8 степени што го погоди Сарангани на филипинскиот остров Минданао во понеделник се искачи на 45, со повеќе од 487 повредени лица и 17 исчезнати, соопшти Националната агенција за намалување и управување со ризици од катастрофи во земјата.
Филипинските власти соопштија дека повеќе од 33.000 домаќинства, или речиси 150.000 луѓе, биле погодени од земјотресот, а повеќе од 41.000 жители биле раселени.
Во однос на материјалната штета, вкупно 238 инфраструктурни објекти, вклучувајќи болници, училишта и мостови, биле оштетени, заедно со речиси 3.000 куќи, објави Ксинхуа.
Агенцијата додаде во соопштението дека земјотресот бил почувствуван низ поголемиот дел од Минданао и делови од централните Филипини, а повеќе од 1.700 последователни потреси се регистрирани од главниот земјотрес.
Операциите за пребарување и спасување во погодените области се уште се во тек.
Филипините се наоѓаат на Тихоокеанскиот „Огнен прстен“, област со интензивна сеизмичка и вулканска активност, што ги прави чести земјотресите и вулканските ерупции.
Архипелагот е погоден од околу 20 тајфуни и тропски бури годишно, што ја прави една од земјите најизложени на природни катастрофи во светот.

